Skip to main content

Претставата „12“ на Охридско лето

Македонски народен театар

Театарска претстава „12“ според мотиви на „12 Гневни мажи“ од Реџиналд Роуз ќе биде изведена вечерва во 21 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Претставата во режија на Синиша Евтимов на Македонскиот народен театар, ќе биде изведена во рамките на фестивалот Охридско лето.

Играат: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Сенко Велинов/Нино Леви Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев.

„12“ е моќна приказна за група луѓе – дванаесет поротници – кои носат одлука за судбината на еден млад човек обвинет за убиство. Делото го истражува судирот меѓу предрасудите, моралот, правдата и човечката совест. Во затворена просторија, дванаесетмина од различни општествени слоеви, со различни погледи и ставови, се соочуваат меѓусебно, но и со самите себе, додека се обидуваат да донесат правична пресуда.

Иако на почетокот сите се убедени во вината на обвинетиот, еден поротник почнува да се сомнева во докажаното. Оттаму започнува интензивна и длабока дебата, низ која постепено се разголуваат личните уверувања, стереотипите и стравовите на секој од нив. Просторот на поротничката соба прераснува во микрокосмос на македонското општество, каде што се препознаваат пошироките општествени предрасуди и конфликти.

Сценографијата е на Мартин Манев, музиката – на ПМГ Колектив, а костимограф е Александар Ношпал. Претставата е наменета за возрасна категорија 16+.

Поврзани вести