Skip to main content

Повеќе од 65 издавачи ќе учестуваат на годинашниот Саем на книгата што ќе се одржи од 23 до 29 април

Над 65 издавачи и повеќе од 150 активности се најавени на годинешниот Саем за книгата кој почнува на 23 април и ќе трае до 29 априлк во Арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Работното време на Саемот ќе биде од 10 до 20 часот. Слоганот годинава е „Отвори прозорец кон нови светови“.

В четврток, на отворањето на Саемот на книгата, најавено е присуство и на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

Се очекува и годинава, како и претходни години, ЈСП – Скопје да има специјална линија за љубителите на пишаниот збор да може да го посетат Саемот на книгата.

Министерството за култура и туризам традиционално го поддржува Саемот за книгата. Ќе има и можност за разговори со македонски, како и странски автори. Најавена е и викенд-програма за деца.

Саемот на книгата во Скопје годинава ќе биде свечено отворен в четврток, 23 април, со почеток од 13 часот.

Од 16 часот Државниот архив организира промоција на „Османлиски документи за историјата на Македонија, попис на христијанското население од сдкопски Санџак, тетовска каза, 1838/1839 година“ на доц. д-р Аднан Шериф.

В петок, меѓу другото, предвидено е да се промовира „Македонскиот етимолошки речник“, том 1, во организација на ЈНУ Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје. Институтот за национална историја – Скопје организира промоција на „Политика на тутунското производство во вардарскиот дел на Македонија во меѓувоениот период – документи“ од авторот Вера Гошева. В петок ќе бидат свечено доделени наградите на Македонската асоцијација на издавачите (МАИ).

На 26 април, недела, Државниот архив организира промоција на „Државен архив – столб на македонското битие“ од доц. д-р Бранислав Светозаревиќ, јубилејна публикација.

Наредниот ден, понеделник, Институтот за национална историја – Скопје е организатор на две промоции. Првата, чиј автор е Силвана Сидровска-Чуповска, „Документи за црковно-просветната дејност на егзархијата во Македонија (1878 – 1912)“, и втората е од авторот Армен Жарноски, „Образовниот систем во Македонија за време на османлиското владеење“.