
Во црквата „Света Софија“ во Охрид синоќа се одржа традиционалото поетско претставувањеа добитникот на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата, словачкиот поет Иван Штрпка.
На претставувањето присуствуваше претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова.
Беседа за лауреатот на највисокото поетско признание во земјава одржа академик Катица Ќулавкова.

Поезијата на Иван Штрпка има интимна, медитативна, комуникативна и антрополошка димензија. Отвореноста, огледалноста и интертекстуалноста ја прават посебна, оригинална и пријателски настроена спрема читателот. Од тие причини, поезијата на Иван Штрпка е книжевна и духовна придобивка која ги надминува рамките на Словачка. И во случајот со поезијата на Иван Штрпка може да се каже дека – она кое постигнало степен на совршенство, не познава просторни и временски граници“, кажа академик Ќулавкова.
Поезијата на Штрпка ја опиша и како огледална, затоа што, како што рече, во неа се прекршуваат слики од колективната меморија, кои ѝ даваат додатна вредност на интроспекцијата и медитативната перцепција својствена на неговите песни. Без таа огледалност тешко би ја разбрале метафизичката трансформација на поетските слики на Штрпка.
Штрпка е илуминативен пример на духот на модерната словачка поезија која се спротивставува на поетичките и политичките канони наследени од поствоениот комунистички чехословачки амбиент и хронотоп, а се отвора спрема светот и го покажува својот сензибилитет спрема т.н. вечни теми на поезијата, теми профани, теми филозофски, теми етички, теми естетски“, додаде Ќулавкова.
Академик Ќулавкова забележа и дека секоја песна на Штрпка е мал архив на подвижни слики, одломки од стварноста, фрагменти во коишто се рефлектира и интимната, и општествената стварност.
Неговите песни наликуваат на филмски епизоди, а збирките на кусометражни филмови. Освен тоа, песните на Штрпка се поткрепени со семантички пресврти, поенти и досетки“, рече Ќулавкова.
Добитникот на највисокото фестивалско признание изрази Иван Штрпка задоволство што токму тој се вброи во друштвото одлични поети од целиот свет.

За мене е голема чест и признание да ја примам во Македонија наградата „Златен венец“ на еден од најзначајните меѓународни фестивали на современиот свет на поезијата без граници, во Струга. Воедно е и голема сатисфакција да влезам на тој начин во прекрасното друштво на одлични поети од целиот поетски свет, толку важни во сето ова време и за мене. Да се читаме, да се пишуваме, да се истражуваме подлабоко! Нашиот отворен, однапред недовршен повеќеслоен јазик може да биде овде индивидуален, а притоа единствено заеднички. Можеме попрецизно и подлабоко да се разбереме. Тоа е првичниот јазик што се создава во нас и со нас од почетокот. Тоа е важно особено денес, среде несигурниот свет во кој вредностите на нашата перцепција и неговите визии се мошне небезбедно разнишани“, рече Штрпка.
Манифестацијата продолжува со меѓународните поетски читања „Созвучја“ и музичко-поетски перформанс „Ноќ без интерпукција“