Skip to main content

„Подари книга, подари свет“: „Матица македонска“ со голема донација од книги за македонските иселеници во Измир

Во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“ што издавачката куќа „Матица македонска“ ја почна пред неколку дена по повод 14 февруари – Меѓународниот ден на дарувањето книги, и со личен пример го поттикнува дарувањето како чин на развивање на љубовта кон книгата и како влог за овозможувањето пристап до книги за децата ширум светот. Голема донација од книги на македонски јазик, објавени од „Матица македонска“, денес тргнува кон Измир, Турција, како донација за македонските иселеници – Турци, коишто доминантно се по потекло од историското Горно Врановци – местото каде што пред 82 години е објавен првиот број на првиот македонски дневен весник, „Нова Македонија“.

Во Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир, покрај иселеници што иако отселени во 1957 година сѐ уште со гордост го зборуваат македонскиот јазик, членуваат и нивните потомци – до најмладите генерации родени таму во 21. век. Нивна желба е и новите генерации да го научат и да зборуваат, читаат и пишуваат на јазикот на земјата од којашто потекнуваат – македонскиот, и љубовта кон него и кон Македонија да се пренесува од генерација на генерација. Затоа, „Матица македонска“, во големата донација од книги вклучи дела од историски значајни македонски автори и современа македонска поезија и проза, но во најголем дел – збалахбу дела од македонската книжевност за деца, со цел, и децата во Измир со корени од Македонија, македонскиот јазик да го совладуваат преку убавиот пишан македонски збор и да растат и како личности да се оформуваат со македонска книжевна мисла. Со донацијата, во Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир, Турција ќе може да се оформи посебен библиотечен фонд за деца, со дела на македонски јазик.

Инаку, со иницијативата „Подари книга, подари свет“, „Матица македонска“ почна Седмица на дарувањето, којашто трае до 14 февруари, Меѓународниот ден на дарувањето книги, а во рамките на традиционалниот зимски саем „Книга во секој дом“ на кој стотици изданија, ексклузивно се овозможени стотици ексклузивни наслови за сите генерации читатели, со попуст од 35 до 80 проценти и по повод 35-годишнината од формирањето на првата издавачка куќа во самостојна Македонија. Со иницијативата на „Матица“, Меѓународниот ден на дарувањето книги, за првпат на ваков начин се чествува во нашата држава.

„Матица македонска“ ги повикува сите институции, сите општествено одговорни компании од државата, вклучително и сите издавачки куќи, но и сите поединци, да се вклучат во иницијативата за дарување книги во текот на оваа Седмица, овозможувајќи пристап до книги до сите читатели, особено до младите генерации. Повикот е упатен и до сите граѓани што се во можност по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги да подарат книга некому – на член на семеството, саканата и саканиот, пријател/ка, колешка и колега, познаник, пријател… А особено на децата, заради што „Матица македонска“ во рамките на саемот „Книга во секој дом“ одделно внимание има посветено и на ексклузивни наслови за деца и млади, поттикнувајќи ги читателите книгата да биде подарок и за најмладите.

14 февруари, покрај тоа што е Меѓународен ден на дарувањето книги е и ден кога се слави и чествува св. Трифун (симболот на плодноста, трудот и надежта) и Ден на вљубените – Св. Валентин. „Матица македонска“ порачува дека книгата е најдобриот подарок и за денот кога се слават виното и љубовта, заради што, во рамките на саемот овозможи и изданија со соодветна тематика, со попуст до 80 проценти. Сѐ со цел за првпат масовно да се чествува и Меѓународниот ден на дарувањето книги, сѐ повеќе да се буди свесноста дека книгата може да е и најдобриот подарок и да се поттикнува љубовта кон читањето, вклучително и кај новите генерации.

– Книгата е љубов што трае. Традицијата е љубов што се пренесува. Дарувањето е љубов што се множи. Оваа недела бидете дел од нашата иницијатива „Подари книга, подари свет“ и покажете дека најубавиот подарок секогаш е оној подарен од срце. Масовно да покажеме дека и во Македонија се дарува од срце, се чита и љубовта се множи од генерација до генерација, истакнуваат од „Матица македонска“.

Со „Подари книга, подари свет“, од „Матица“ настојуваат дарувањето книги да прерасне во традиција, а оваа иницијатива се надоврзува на постојаната посветеност на првата издавачка куќа во самостојна Македонија кај македонските граѓани да се поттикнува љубовта кон читањето. 

Поврзани вести