Skip to main content

Почнува 59. издание на „Војдан Чернодрински“: Фестивалот го отвора претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов

Македонски народен театар

Со претставата „12“, во режија на Синиша Евтимов, на Македонскиот народен театар (МНТ) , вечерва во 20 часот во големата сала на Центарот за културата „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе биде отворено 59. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Голем интерес за фестивалот покажува прилепската публика и годинава, што се докажува и со фактот дека неколку претстави и пред почетокот на фестивалот се веќе распродадени. На изведбата на актерите од МНТ, ќе претходи доделување на наградите за животно дело Соња Михајлова, Снежана Коневски-Руси и Гоце Тодоровски. На свеченото отворање ќе се обратат Ана Стојаноска, уметнички директор и селектор на програмата, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и прилепскиот градоначалник Борче Јовчески.

фото: МРФ „Војдан Чернодрински“

Девет претстави во официјална селекција, четири во независна програма и една во придружна се селектирани за програмата на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“, што ќе трае до 13 јуни под мотото „Смеј се и осмели се“.

59.издание на фестивалот е спремно, внимателно спакувано, прецизно креирано со огромна љубов и почит кон сите учесници и гости. Во духот на мотото на фестивалот и се смеевме и осмелувавме низ предизвиците во текот на оваа година, но како тим покажавме и покажуваме, заедно со градот и целата поддршка од Министерството за култура и туризам и општествено-одговорните компании, дека Прилеп е единственото место за достојно да се слави театарската уметност. Посебна љубов кон целата публика која постојано покажува зошто е тоа така – изјави Стојаноска.

За фестивалските награди и годинава ќе одлучува меѓународно жири, во состав: Нела Оташевиќ, продуцентка од Црногорско народно позориште, Иван Меденица, театролог и професор од Белград и Лилиа Абаџиева, театарска режисерка од Бугарија.

На програмата повторно ќе бидат детската зона, промоции на книги, разговори на тркалезна маса. Годинава, наместо досегашната платформа „Автор во фокус“ во која се славеше опусот на еден значаен автор за македонскиот театар, годинава ќе биде ставен фокусот на тројца мошне значајни театарски дејци од Прилеп. Тоа се: актерот и долгогодишен директор на нашиот фестивал Кирил Ристоски, актерот Благоја Спиркоски Џумерко и драмскиот автор и писател Благоја Ристески Платнар.

Новина е програмата „Драмолетање“, односно пичинг на кој неколкумина драмски автори ќе ги претстават своите дела. На тој начин фестивалот се труди да го поттикне домашното драмско творештво, но и поставување на истото на театарските сцени.

фото: МТФ „Војдан Чернодрински“

Фестивалот ќе биде затворен на 13 јуни со „Вистината“ на Театар Комедија.

Претстави во официјалната селекција се: „12“ во режија на Синиша Евтимов, продукција на МНТ, „Парови“ во режија на Ивана Ангеловска, продукција на Драмски театар, „Ричард Трети“ во режија на Куштрим Бектеши, продукција на Албански театар, „Слепци“ во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Турски театар, „Црно семе“ во режија на Андреј Цветановски, продукција на Народен театар − Битола, „Бура“ во режија на Џон Блондел, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“, „Рацин“, во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, „Сите прекрасни нешта“ во режија на Нела Витошевиќ, продукција на Народен театар – Штип и „Пар-распар“ во режија на Нина Николиќ, продукција на Театар Комедија.

Претстави од независна продукција: „Вампири“, во режија на Милош Б. Андоновски, продукција на „Театар за сите“, „Сите најубави нешта“ во режија на Дејан Пројковски, продукција на „ОХО продукција“, „Казабалкан“ во режија на Дамјан Костовски, продукција на Здружение за развој на театарска продукција „Оска“, „Ла Макбет“ во режија на Шенај Мандак, продукција на „Хибрид“.

Пред прилепската публика ќе се претстави и Факултетот за драмски уметности со претставата „Тука ќе ни биде крајот“, на 12 јуни на полноќ.

Покровители на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп.

Поврзани вести