Skip to main content

Пејковски: Македонскиот КИЦ во Софија е место каде културата добива глас, а музиката станува мост

Македонскиот културно-информативен центар во Софија веќе дваесет години е чувар на македонската културна меморија надвор од границите на државата. Тој е простор каде што уметноста не се претставува формално, туку се живее, како дијалог, како средба и како мост меѓу култури, генерации и идеи. Во таа мисија, се случи музички настан што одамна ги надмина рамките на обичен концерт, тоа беше настапот на бендот КОД 369, кој воедно беше и 95-тиот културен настан реализиран во 2025 година (до 12 декември) во програмата на Македонскиот КИЦ во Софија.

Овој податок има особена тежина ако се има предвид дека во периодот пред назначувањето на сегашниот директор, годишно во Центарот се реализирале по дваесетина културни настани, додека денес, само во текот на една календарска година, бројот достигнува над деведесет. Тоа јасно сведочи за новата енергија, визија и динамика со која Македонскиот КИЦ во Софија се позиционира како еден од најактивните и најживи македонски културни простори надвор од татковината.

Вечерта свечено ја отвори директорот на Македонскиот КИЦ во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, а на публиката ѝ се обрати и македонската амбасадорка во Софија, Агнеза Руси-Поповска. Со тоа, концертот доби и симболична рамка, како културен чин што ги спојува институционалната поддршка и слободниот уметнички израз.

КОД 369 се бенд што веќе дваесет години создава музика која одбива да биде затворена во жанровски граници. Нивниот звук е истовремено мост и револуција, спомен и иднина. Во него се вкрстуваат фанк-ритми со урбан пулс, џез-импровизации што ја отвораат вратата кон непредвидливото, класични елементи што внесуваат длабочина и достоинственост, и рок-енергија која е и двигател и јасна декларација на идентитет. Тоа е музика што живее во постојана креативна напнатост.

Од алтернативниот рок ја носат слободата и уметничката храброст, а од поп и рок традицијата – ретката способност да бидат блиски до публиката без компромис со квалитетот. Во нивните текстови се препознава универзалната хуманост: љубовта како движечка сила, сомнежот како учител, храброста како суштина и индивидуалната моќ како најсилна алатка за создавање подобро утре. Секоја песна е мала приказна, секој стих е исповед, а секој рефрен е заедничко чувство што се дели меѓу бендот и слушателите.

Енергијата на КОД 369 ја носат четири исклучителни музичари: Ирена Димовска, вокал со редок спој на сила и кревкост, светлина и сенка; Даниел Митревски, гитарист со препознатлив мелодиски печат; Иле Лулевски, тапанар што го диктира пулсот и создава ритми што остануваат; и Гоце Јованоски, басист со длабок, стабилен тон кој го држи целиот музички универзум во рамнотежа.

Силата на овој бенд е закотвена и во богатото наследство на Памперс – четири албуми, настапи на сите релевантни фестивали во Македонија и регионот, концерти на „MTV“ сцени во Лондон, Копенхаген и Загреб, присуство на меѓународни топ-листи и соработки со светски продуценти. Тоа наследство е темелот, а КОД 369 се доказ дека секоја голема приказна може да продолжи со нова зрелост и нова визија.

Настапот во Софија беше искрен и енергичен музички дијалог со публиката, концерт што ја отвори архивата на дваесетгодишното творештво, но и јасно најави иднина исполнета со уште поголема креативна храброст. Македонскиот КИЦ во Софија таа вечер стана место каде што музиката се издигна над времето, а културата повторно ја покажа својата најважна улога, а таа е, да поврзува, да гради и да останува.

На самиот крај, директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, им ги врачи благодарниците „Мостови на културата“ на членовите на КОД 369, по повод јубилејот – 20 години од постоењето на Македонскиот КИЦ во Софија.

Ова беше концерт што не се мери само со аплаузи, туку со сведоштва што ги остава во меморијата, во емоцијата и во културната историја што се пишува токму овде, чекор по чекор.

Поврзани вести