Skip to main content

Овации за „Народен пратеник“ на МНТ во Брчко

Синоќа, Македонскиот народен театар, настапи со претставата „Народен пратеник“ на 42. Интернационални театарски средби „Брчко Дистрикт“ во Босна и Херцеговина.

Салата беше исполнета до последното место – повеќе од 400 гледачи уживаа во изведбата со очигледно воодушевување, наградувајќи ја тимската актерска игра со неколкуминутен стоечки аплауз и овации, кои создадоа силна емотивна врска меѓу сцената и публиката.

Селектор на годинашните средби „Брчко Дистрикт“ е култниот актер и режисер Ирфан Менсур, кој фасциниран од изведбата на македонскиот ансамбл, ја вклучи претставата во официјална селекција на фестивалот, потенцирајќи дека ова е Значаен пример на сценска интерпретација на класичен текст“.

Голем број новинари покажаа интерес за македонските актери, кои во низа интервјуа споделија впечатоци за претставата, творечкиот процес и учеството на фестивалот во Брчко.

На денешната конференција за печат со тамошните медиуми, директорот на МНТ, Никола Кимовски изјави:

Беше голема чест, задоволство и одговорност, МНТ да настапи пред исклучително сензибилизирана и културна публика, која препознава и вреднува вистинска уметност. Реакцијата по претставата, стоечките овации и аплаузот се потврда дека театарот не само што живее, туку и силно комуницира, поврзува и обединува. Искрена благодарност до организаторите за извонредниот прием и топлото добредојде, како и до Ирфан Менсур – човек со визија, почитуван уметник, кој со својата уметничка интуиција го препозна потенцијалот на „Народен пратеник“ и даде простор оваа претстава да проговори и во еден поширок регионален контекст. Честа да бидеме дел од селекцијата под негова палка, за нас е поттик за понатамошна работа и развој. Посветеноста на нашите актерски ветерани: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска…  направија тој силен сценски јазик, публиката да го прими со отворено срце.“, изјави Кимовски.

Александар Микиќ кој го игра главниот лик – Јеврем Прокиќ, рече дека хуморот во оваа претставата е кисел и сите се смееме, иако ни доаѓа да заплачеме: „Нушиќ одлично го има скенирано балканскиот менталитет и предизвик е за еден актер да ја преслика таа реалност, која за жал и по 100 години е непроменета, па затоа и публиката кога се смее, кисело се смее“, вели Микиќ.

Ликот на Даница го игра Дарја Ризова, кој е метафора на младешката бунтовност.

Имавме одлична соработка со Савин, режисер кој прецизно знае да ги води актерите низ процесот на подготовки. Ликот на Даница е гласот на разумот и отпорот, таа е огледало на оваа млада и бестрашна генерација, која има морален светоглед и која бунтовно се спротивставува на се она што е нечесно.“, изјави пред босанските медиуми, Ризова.

„Народен пратеник“ е безвремена комедија на Нушиќ, во режија на Егон Савин и се издвојува со јасна режисерска визија и прецизно структурирана сценска динамика. Преку интелигентна и колективна актерска изведба, претставата создава современ театарски израз, кој ја истакнува актуелноста на Нушиќевиот текст и го поставува во контекст што силно одекнува и денес.

Во актерската екипа настапуваат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска и Александар Михајловски (глас), како и ансамблот Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили. Нивната сценска кохезија создава жив, ритмичен и автентичен театарски јазик, кој ја спојува традицијата со современата сценска мисла.

Фестивалот во Брчко, со годинашното мото „Храброста опстојува“, уште еднаш ја потврди репутацијата, како еден од најзначајните театарски настани во регионот, изминативе четири децении.

Летово, претставата беше добитник на Специјална Стериина награда за колективна актерска игра во Нови Сад, а веднаш потоа беше изведена и на сцената на Народно позориште во Белград. По настапот во Брчко, „Народен пратеник“ продолжува со фестивалската траекторија и следната недела ќе гостува во Србија, во рамки на фестивалот „Борини позоришни дани“.

Поврзани вести