Skip to main content

Отворен е повикот за наградите на МАИ за 2025 година

Деветта година по ред, Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) за време на Саемот на книгата, ќе ги додели наградите на МАИ. На Саемот на книгата, кој ќе се одржи од 8 до 14 мај, МАИ ќе додели признанија за најдобрите изданија, автори и издавачки проекти кои го одбележаа периодот од саемот минатата година до овогодишниот саем.

Поканата за учество на конкурсот за наградите на МАИ е отворена за сите издавачи од Македонија, кои можат да конкурираат со своите најдобри изданија, автори и проекти во следниве категории: (1) Признание за најдобра едиција; (2) Признание за најдобар дизајн на корица; (3) Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание; (4) Признание за најдобра книга за деца; (5) Признание за автор на годината; (6) Признание за најкреативно издание; (7) Признание за поттикнување на општествена одговорност и (8) Специјално признание за промотор на читачката култура.

И оваа година МАИ сака да оддаде признание на издавачите и нивните тимови и соработници (писатели, графички дизајнери, илустратори…) кои од ланскиот саем до овој успеале да создадат единствени и оригинални дела, преку кои се подигнува нивото на издаваштвото и културата во нашата земја, велат од Асоцијацијата.

На чекор пред јубилејот, оваа година МАИ по деветти пат ќе оддаде признанија за највисоките дострели во сферата на издаваштвото. Ги повикуваме сите издавачи да аплицираат со најдоброто што го сработиле во изминатата година и да влезат во трка за овие награди, вели Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи.

За наградите на МАИ ќе одлучува независна жири комисија, оваа година составена од три членови, истакнати професионалци во своите области: Весна Мојсова-Чепишевска, универзитетска професорка, Гордана Вренцоска, универзитетска професорка и графичка дизајнерка и Тони Димков, новинар од областа на културата.

Издавачите што сакаат да конкурираат, документот за апликација можат да го побараат на електронската пошта sekretar@mai.org.mk.

Крајниот рок за испраќање на апликациите е 24 април 2025 година, а свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 9 мај, во рамки на Саемот на книгата.

Поврзани вести