
На 9 мај, петок, од 19 часот ќе се одржи осмото по ред издание на литературно-културолошкиот концепт „Процеп во процес“, кој го иницираше и реализира Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп. Ќе се одржи промоцијата на романот „Светот што го избрав“, од Калина Малеска, кој ја понесе престижната награда „Роман на годината“ за 2024 година. Модератор на промоцијата е Александар Еленин.
Ќе имаме чест и привилегија да ни гостува и да поразговараме за нејзиното дело авторката Калина Малеска.
Промоторка на романот ќе биде поетесата Лина Димоска, која на непосреден начин, со свое лично видување и непретенциозно излагање, ќе се обиде да ги воведе присутните во делото и да им го приближи истото, со цел дополнително да ги заинтригира за содржината на делото, соопштија од „Марко Цепенков“.
„Светот што го избрав“ е наративно понирање во внатрешната трасформација на главниот лик од четивото – Леона, која низ својот живот доживувала перманентна променливост на личниот идентитет поради нејзината карактерна несигурност. Таа идентитетска неконзистентност флуктуира преку нејзиниот однос и контакти како со луѓето, така и со просторот.
Комисијата од наградата „Роман на годината“, која ја доделува Фондација „Славко Јаневски“, во образложението за доделувањето на наградата на Малеска за „Светот што го избрав“ потенцираше: „Станува збор за извонреден, безвременски роман што ќе може да се чита и препрочитува во сите времиња и простори. Кус, концизен, маестрално напишан, „Светот што го избрав“ е храбро сведоштво на женскиот лик кој поминува низ сопствените, но и низ преобразбите на светот што го избираме дури откако сам ни се наметнал избор што не само не го оправдал туку со него ни нанел штета и тага“, стои во образложението на жирито.