
Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија на 7 јули (вторник), со почеток од 18:30 часот, ќе се одржи настан посветен на еден од великаните на македонската книжевност – тематско предавање со наслов „Столб на вселената или поттикнувач на сите движења – Жената во делото на Петре М. Андреевски“ на Гордана Јовиќ-Стојковска.
Македонскиот културно-информативен центар во Софија, доследен на својата мисија за афирмација, промоција и негување на македонските културни и духовни вредности, во рамките на својата годишна програма започнува нов циклус на настани посветени на одбележувањето на значајни јубилеи и годишнини на истакнати личности и дела што оставиле неизбришлива трага во македонската историја, книжевност и култура.
Првиот настан од овој циклус е посветен на одбележувањето на 20-годишнината од упокојувањето на еден од најголемите македонски книжевни творци – Петре М. Андреевски, автор чие дело претставува духовен столб на современата македонска литература и трајно сведоштво за историската, културната и човечката судбина на македонскиот народ.
На 7 јули 2026 година, во просториите на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, претседателката на Друштвото на писателите на Македонија, Гордана Јовиќ-Стојковска, ќе одржи тематско предавање насловено „Столб на вселената или поттикнувач на сите движења – Жената во делото на Петре М. Андреевски“.
Поаѓајќи од трите антологиски дела – „Пиреј“, „Тунел“ и „Дениција“, предавањето ќе понуди продлабочено толкување на творечкиот универзум на Петре М. Андреевски, откривајќи ја неговата исклучителна книжевна визија и филозофска мисла низ призмата на женскиот лик. Настанот ќе претставува можност за ново читање и вреднување на неговото творештво, но и за отворање поширок дијалог за неговото трајно влијание врз развојот на македонската книжевност, културна мисла и национален идентитет.
Особено внимание ќе биде посветено на повеќеслојната симболика на жената во неговите дела – од архетипската жена-мајка, страдалничка и чуварка на животот во „Пиреј“, преку жената која се осознава, духовно созрева и се еманципира во „Тунел“, до возвишениот лик на жената во „Дениција“, претставена како олицетворение на љубовта, духовната целосност и космичката хармонија. Токму преку овие книжевни визии ќе биде осветлен длабокиот афинитет на Петре М. Андреевски кон женскиот свет, согледан како темелна животна сила, поттикнувач на духовната преобразба и носител на човечката и културната вечност.
Со овој свечен настан, Македонскиот културно-информативен центар во Софија го отвора циклусот чествувања посветени на великаните на македонската култура, изразувајќи почит кон нивното бесмртно творештво и придонес во обликувањето на националната духовност. Воедно, Центарот ја потврдува својата определба да биде жив мост на културниот дијалог и достоен чувар на македонската книжевна и културна традиција, претставувајќи ги нејзините највисоки дострели пред меѓународната јавност.

Македонски



