
Утре ќе почне новото издание на традиционалната манифестација „Книга во секој дом“ на „Матица македонска“. До 15 мај, покрај тоа што триста наслови ќе бидат овозможени со попуст до 70 отсто, а меѓу нив и најбараните и најчитани македонски и странски книги и автори, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите ќе се одржуваат и средби со писатели и промоции на нови книги.
Како што информираат од „Матица македонска“, со цел книгите на македонски јазик и натаму да се сѐ поприсутни во секој македонски дом, попустот ќе се однесува и на најактуелни изданија, со голем избор од илјадниците автори, книги и приказни за сечиј вкус – најбараното и од домашната продукција и од светската книжевност.
Сите настани во рамките на манифестацијата ќе бидат од отворен карактер, а вратите на „Матица македонска“ ќе бидат отворени за сите читатели што ќе дојдат на Булеварот на книгите.
Акцијата за изданијата опфатени со „Книга во секој дом“ од 5-ти до 15 мај ќе важи и за нарачки преку е-книжарницата на „Клуб Матица“, каде што ќе биде објавен и каталог на изданијата.

На денот кога Македонија ќе чествува 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик, „Матица македонска“ ќе ја продолжи својата мисија за афирмација и попуаризација на книгите на македонски јазик кај читателите. Романи за сите генерации, семејни приказни, автобиографии, фанстастика, филозофија, психологија, историја, драма, трилер, мистика, есеистика, гастрономија, право и политика, лексикографија, книги за деца, енциклопедии, духовна литература, книжевна критика, поезија и разни креативни изданија ќе бидат овозможени во нашата книжарница. Читателите ќе имаат можност и да се сретнат и да разговараат со автори и од Македонија, и од странство, при што одделни средби ќе бидат организирани со дел од најчитаните и најреномирани писатели, додека промоциите во книжарницата на Булеварот на книгите ќе бидат посветени на најновите и ексклузивни книги објавени во 2025 година, велат од „Матица македонска“.
Оттаму најавуваат и дека на 6 мај, прв пат пред македонската читателска публика ќе биде промовирана и книгата „„Културата и траумата – Писмо до бугарскиот пријател“ од истакнатиот хрватски македонист и редок познавач на балканските состојби, Златко Крамариќ, кој ќе допатува во Македонија токму по повод јубилејот 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик, наведува „Матица македонска“.
Според „Матица македонска“, години наназад, со „Книга во секој дом“ се потврдува дека и во време кога новите технологии земаат најсилен замав, во Македонија има сериозна и бројна читателска публика.
Mанифестацијата „Книга во секој дом“ „Матица македонска“ ја организира 26 години и има најголема традиција меѓу манифестациите што ги организираат актуелните македонски издавачи.
фото: „Матица македонска“