
Филмот е за преобразбата, манишулацијата и за едно изолирано место во кое се создава простор за еден мал автократски систем што на крајот се руши сам од себе, вели режисерот Горан Станковиќ, со чиј филм „Оче наш“ вечерва во 20 часот во кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) се затвора годишнашното издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“.
Во „Оче наш“ македонски копродуценти се Огнен Антов и Стојан Вујичиќ од „Дрим Фектори“. Македонската страна на продукцијата во самиот филм ја претставуваат екипата сниматели на звук: Игор Поповски – Нивеа, Дејан Михајловски, Дарко Бошковски, Александар Ристевски и Горан Стаменков и актерот Тони Михајловски. Покрај Михајловски, во филмот играат и Вучиќ Перовиќ, Горан Марковиќ, Дадо Ќосиќ, Лазар Тасиќ, Јасна Жалица, Тони Михајловски, Ненад Хераковиќ …
Кога Дејан, зависник од дрога, пристигнува во зафрлена манастирска заедница, паѓа под строгото водство на отец Бранко. Како што Дејан станува негов човек од доверба, врската ќе им биде ставена на тест кога насилните методи на свештеникот излегуваат од контрола, е сижето на „Оче наш“.
Станковиќ, во интервју за „Република“ говори за инспирацијата за приказната за Дејан, за духовниот контекст, за зависноста, за тенката линијата меѓу духовна дисциплина и суровоста и одговара на прашањето за вербата или за човековата борба со сопствените демони.
Каде ја најдовте инспирацијата за приказната за Дејан, зависник кој бара спас во манастирската заедница?
СТАНКОВИЌ: Првата работа што ме наведе да размислувам за идејата за овој филм беше снимката од тепањето во манастирот Црна Река. Таа снимка се појави околу 2009 година и таа контрадикција — некој најсурово да тепа човек додека неговата глава удира во икона на ѕидот — ме збунуваше и вознемируваше. Уште повеќе ме вознемири реакцијата на јавноста, идејата дека таков третман всушност им помага на зависниците. Мислам дека ми стана јасно дека ова е тема за филм во моментот кога истиот свештеник, кој на снимката ги тепаше штитениците со лопата, три години подоцна до смрт претепа еден од пациентите. Сакав да снимам филм за да разберам како воопшто можело да дојде до тоа и како, и покрај сите знаци, ваквата трагедија не била спречена.

Дали ликот на Дејан е инспириран од вистински луѓе и приказни што сте ги сретнувале?
СТАНКОВИЌ: За време на истражувањето за филмот разговарав со многу луѓе кои биле во самиот центар, со луѓе кои побарале помош во други институции, како и со лекари, свештени лица и психолози. Целта ми беше да создадам што покомплексен профил на луѓето што ги прикажувам во филмот. Дејан, главниот јунак, е создаден како комбинација од различни искуства и личности што сум ги запознал.
Кога докторите и државните институции немаат решение манастирите се „последна шанса“ за еден зависник. Што ви значеше духовниот контекст?
СТАНКОВИЌ: Мислам дека е важно веднаш да се нагласи дека филмот се занимава со едно многу специфично место — место каде што во име на верата и духовноста се користи насилство како оправдување за помош. Не би сакал тоа да се генерализира на сите заедници што нудат духовна поддршка. Но, фактот што овој случај се случил под закрилата на Црквата не ја ослободува од одговорност. Тука станува збор за злоупотреба на духовноста, и затоа ми е важно да се зборува за тоа. Ова е пример каде што некој ја злоупотребил моќта и верата под изговор дека помага.

Дали оваа релација меѓу Дејан и отец Бранко ја гледате како судир меѓу два света – духовност и зависност?
СТАНКОВИЌ: Тоа е доста комплексно прашање. Не мислам дека отец Бранко е само духовен човек, ниту дека Дејан е само зависник. Не мислам ни дека едниот е само лош, а другиот само добар — тоа би било премногу поедноставено. Во мојот систем на вредности насилството не може да биде дел од духовноста, и тука веќе настанува првата контрадикција. А начинот на лекување во овој центар се темели токму на насилство. За мене духовноста мора да се гради на доверба, а не на страв.
Што сакавте публиката да почувствува во моментите кога границата меѓу духовна дисциплина и суровост станува тенка?
СТАНКОВИЌ: Пред сè, сакав публиката понекогаш да се најде во перспективата на штитениците кои се обидуваат да се променат и да станат подобри луѓе. Ми беше важно да поверуваме дека можеби и екстремни методи можат да дадат резултат. Но, сметам дека за границата меѓу дисциплина и суровост можеме да расправаме само доколку на крајот немаше убиство. Со оглед на тоа дека човек е насмрт претепан, и тоа во чин што траел со часови, сметам дека тука повеќе нема простор за дилема.
Како ги избравте актерите за улогите на Дејан и отец Бранко и што беше пресудно во кастингот?
СТАНКОВИЌ:Една од најважните работи во работата со актерите ми е натурализмот. Тоа ми е секогаш појдовна точка и важно ми е актерите со кои работам секогаш да бидат втемелени во реализам со својата изведба. А потоа од таму ги градиме останатите нијанси и понекогаш стилизации, но не верувам дека може да се постигне добар резултат ако се тргне во обратен редослед. Затоа ми е важно да бидат луѓе кои веруваат во минимализмот како изразно средство. Борис Исаковиќ и Вучиќ Перовиќ дефинитивно спаѓаат во такви актери и многу сум горд на нив и на улогите што ги остварија во филмот. Наравоучението важи и за целиот ансамбл, во кој имаше и многу натуршчици на кои ова им беше првпат пред камера.

Дали филмот повеќе зборува за вербата или за човековата борба со сопствените демони?
СТАНКОВИЌ: Филмот е за преобразбата. За јунак кој најпрво се сомнева во еден систем на вредности, за да го прифати низ приказната како единствен исправен — сè додека не се покаже дека тоа во што поверувал е длабоко проблематично. Филмот е и за манипулација, и за едно изолирано место во кое се создава простор за еден мал автократски систем што на крајот се руши сам од себе.
Во филмот глуми и нашиот Тони Михајловски. Каков впечаток ви остави и како го паметите?
СТАНКОВИЌ: Тони е одличен актер со исклучително богата кариера и беше инспиративно да се работи со него. Иако филмот на почеток траеше над два часа и имаше многу споредни линии, подоцна одлучив да ги скратам за фокусот да остане на главниот јунак и филмот да трае час и половина. Во тоа скратување, за жал, многу сцени во кои го следевме ликот на Тони останаа во монтажата. Сепак, навистина ми е драго што работевме заедно.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Приватна архива

Македонски







