Skip to main content

Објавен научниот труд „За евиденцијалноста во македонскиот и германскиот јазик“

Во издание на издавачката куќа „Бата прес“ и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ се објави  монографијата со наслов „За евиденцијалноста во македонскиот и во  германскиот јазик“ од м-р Сашка Грујовска-Миланова. Објавувањето на делото го поддржа Министерството за култура во Националната програма за издаваштво за 2025 година.  

Според рецензентката проф. д-р Веселинка Лабровска, делото претставува солидно изработен научен труд со контрастивен пристап меѓу македонскиот и германскиот јазик. Со оглед на фактот дека македонскиот јазик припаѓа на словенското јазично семејство, но истовремено е дел од балканскиот јазичен сојуз, а германскиот јазик е дел од големото германско јазично семејство, но со романско и словенско опкружување, споредбата на изразувањето на семантичката категорија евиденцијалност, фрла нова светлина врз  строежот на овие два индоевропски јазика.

Во воведот авторката м-р Сашка Грујовска-Миланова дава објаснување на целта за истражувањето и преглед на досегашните проучувања во светски рамки. Во првата глава се разгледува евиденцијалноста како семантичка категорија  која упатува на изворот на информацијата врз кој се темели определен исказ. Даден е преглед на дел од граматичките и лексичките маркери што се појавуваат во јазиците во  светот, а потоа се претставени евиденцијалните системи кои се документирани во  јазиците во светот. Во овој труд се покажува македонскиот јазик има семантичка категорија евиденцијалност изразена со граматички морфеми и со лексеми, а со ваков  појдовен концепт се прави анализа и на можните граматички и лексички маркери во  германскиот јазик.

Првата книга на авторката Сашка Грујовска-Миланова е всушност магистерска теза одбранета во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“,  во 2018 година. Сашка Грујовска-Миланова, по двегодишни постдипломски студии магистрирала и на Институтот за емпириска лингвистика при Универзитетот „Гете“ во Франкфурт, а во тек е подготовката на најзината докторска дисертација.

Поврзани вести