
Во Куќата на Уранија поставени се оригинални дела на Јордан Манасијевски од изложбата насловена „Уште една средба со светлината“, создадени во последните две години – ново поглавје од творечкиот пат на Манасијески во кој светлината, духовноста, бескрајот и човековото постоење повторно се испреплетуваат во препознатливиот ликовен јазик на охридскиот уметник.
Токму во Уранија, пред 35 години, во 1991 година, започнале изложбените активности на Манасијески, пред неговите дела да го продолжат патот кон големите светски уметнички центри. На тоа потсети Љупчо Жупан од Галерија „Букефал“, на отворањето на изложбата што се одржа на платото пред Лапидариумот.
Неговото дело не бара да биде видено – тоа бара да биде почувствувано, рече Жупан, посочувајќи на исклучителниот творечки сензибилитет и препознатливиот личен јазик на Манасијески, чија репутација одамна ги надминува границите на Македонија.
Меѓународниот пат на уметникот опфаќа номинацијата за Гран при на Есенскиот салон во Париз, признанието од Јапонската асоцијација за современа уметност во Токио, претставувањата во Њујорк, Палермо, Верона и Фиренца, наградата на Биеналето на нациите во Венеција, „Микеланџело“, како и селекцијата во изданието „Големите мајстори на современата уметност“ во Рим.

Македонски



