Skip to main content

Настап на Скопје танцовиот театар со претставата „Д (како Дездемона)“ во кореографија на Рисима Рисимкин на сцената на „Камплој“ во Верона

Драган Перковски

На 13 септември во 21часот на сцената на театарот „Камплој“ во Верона, Италија, ќе настапи Скопје танцовиот театар со претставата „Д (како Дездемона“ во кореографија на Рисима Рисимкин. Во претставата учествуваат првенците на Скопје танцовиот театар, дел од студентите на Катедрата за современ танц при УГД и ученици на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ – Балетски оддел – Современа насока.

Претставата е дел од трилогијата на кореографката и универзитетска професорка, Рисима Рисимкин, насловена Жените во делата на Шекспир, која својата премиера ја имаше на првите „Денови на македонски кореографи“ одржани во НОБ, а потоа се изведе и на свеченото отворање на Интернационалниот фестивал за монодрама во Битола. Ова е второ гостување на Рисимкин на Шекспир фестивал во Верона, првото беше гостувањето со „Лејди Магбет“ во 2023 година, кога претставата апсолутно ја освои публиката.

фото: Драган Перковски

Настапот на студентите е дел од програмата „УГД – Чекор кон светот“, проект кој се изведува веќе трета година, со цел студентите преку професионално искуство да се интегрираат во интернационалната танцова сцена, што им овозможува развој на уметничкиот интегритет. Универзитетот „Гоце Делчев“ постојано е во чекор со светските трендови и на своите студенти им овозможува учество во реални проекти, преку кои тие добиваат практична стручна наобразба и искуство, кое подоцна им помага за интеграција на домашната и светската танцова сцена. Воедно, годинава Рисимкин остварува соработка и со ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ со цел на интеграција на учениците на професионалната танцова сцена.

Со нетрпение го очекуваме настапот на преубавата сцена на театарот „Камплој“ во Верона и повторната средба со публиката, која минатиот пат не пречека со огромни аплаузи и одушевување. Да се работи тема од творештвото на Шекспир за мене е огромен предизвик и се радувам на средбата со публика која го познава Шекспир и пред која ќе го претставиме нашиот уметнички израз“ – вели професор д-р Рисима Рисимкин.

фото: Драган Перковски

Претставата е на музика на композиторот Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, сценскиот дизајн на Матеа Мијановиќ. Дездемона е во изведба на Анастасија Данчевска, Јаго е Дејан Битровски, Отело е Лука Георгиевски, Емилија е Сара Димовска, Сенката е Давор Милев, а Гласови се Надја Луканова, Нина Петрушевска и Теона Ѓуровска. Претставата е во продукција на Скопје танцовиот театар / Интерарт културниот центар во 2025 година.