Skip to main content

Народно позориште од Белград со „Вообразен болен“ и Иван Босиљчиќ и Црногорско народно позориште со „Господа Глембаеви“ гостуваат во декември во МНТ

На 16 и на 23 декември на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ) во 20 часот ќе гостуваат Црногорско народно позориште (ЦНП) со „Господа Глембаеви“ и Народно позориште од Белград со претставата „Вообразен болен“.

„Господа Глембаеви“ во режија на Данило Маруновиќ, по текст на Мирослав Крлежа, а во продукција на ЦНП првично требаше да гостува во МНТ на 18 март, но настапот беше откажан поради трагедијата во Кочани, кога во пожар во дискотека загинаа 63 лица. Гостувањето на ЦНП доаѓа по потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Националниот театар и ЦНП.

Во претставата играат: Светозар Цветковиќ, Кристина Обрадовиќ, Мишо Обрадовиќ, Уна Лучиќ, Данило Чечебиќ, Павле Прелевиќ, Емир Ќатовиќ, Стеван Вуковиќ, Кристина Мркиќ и Предраг Павиќевиќ.

„Господа Глембаеви“ премиерно беше изведена на 17 декември 2024 година и наиде на позитивен одзив од страна на црногорската публиката, а ова е прво нивно гостување. Македонската публика ќе биде во можност, по речиси десет години, повторно да ги гледа актерите од Црногорското народно позориште.
Нашата публика ги помни трите постановки на „Господа Глембаеви“ во продукција на МНТ. Првата беше реализирана 1955 година, во режија на Раша Плаовиќ, потоа постановката во 1974 година во режија на Владимир Милчин и последната од 1996 година, во режија на Љубиша Георгиевски со над 150 изведби.

Режисерот Маруновиќ забележува дека драмата денес е уште поактуелна отколку кога е напишана и успешно го вткајува во неа актуелниот општествено-политички контекст. Драматург е Божо Копривица, адаптацијата е на Бојана Мијовиќ и Данило Маруновиќ, кој го направи и изборот на музиката, сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Вања Цирај-Џуџа. Сценските движења ги направи Тамара Вујошевиќ-Мандиќ, сценскиот говор е на Дубравка Дракиќ, а извршен продуцент е Нела Оташевиќ.

Претставата „Вообразен болен“, според текстот на прочуениот француски комедиограф Жан Батист Поклен Молиер, во режија на Никола Завишиќ, а во продукција на Народно позориште, Белгад ќе гостува во МНТ на 23 декември со почеток во 20 часот.

Во актерската екипа се: Иван Босиљчиќ, Соња Колачариќ, Анастасија Мандиќ, Данило Лончаревиќ, Зоран Ќосиќ, Сава Милутиновиќ, Немања Стаматовиќ, Ива Милановиќ, Вучиќ Перовиќ, Никола Вујовиќ, Немања Константиновиќ и Јован Стаматовиќ Кариќ.

Претставата носи освежена визија во духот на оригиналното Молиерово дело од 1673 година и првпат се изведува со интермецa, како што тоа Молиер првично го замислил. Воедно, претставата претставува омаж на Молиер не само како писател, туку и како голем актер, како и на неговата потполна посветеност и оданост кон театарската уметност.

Во нашата претстава, за време на тие кратки паузи во дејството, се случува нешто друго — нешто значајно за групата актери што ја гледаме, а што публиката во стандардна изведба не би можела да го види: се наоѓаме на четвртата изведба на Вообразен болен на 17 февруари 1673 година. Зад завесата ги гледаме подготовките на актерите за следниот чин, сфаќаме дека господинот Молиер е болен, дека не му е добро, дека играњето на комедијата за него станува прашање на живот и смрт. Сакавме да се впуштиме во поризичен, но повозбудлив театарски потфат. На тој пат нè повлече силната струја на Молиеровата судбина. Ја искористивме симболиката на неговата смрт, која навистина започнала на сцената, токму при четвртата изведба на ликот Арган — вообразениот болен. Таа околност цврсто, но нежно во текот на нашата претстава прави таа, покрај својата заиграност и комика, да биде и кревка, речиси трагична“, вели режисерот Завишиќ.

Преку хиперболизиран хумор и апсурден, пренагласен комичен стил на игра, претставата ги преиспитува моралните вредности на општеството, болните и расипани меѓучовечки односи, алчноста, зависноста од болеста, како и измамата и поквареноста на лажните „заштитници“ на здравјето. Сето тоа заедно создава искривен, но вистинит одраз на времето и општеството во кое живееме и денес.

Билетите се пуштени во продажба на билетарницата во МНТ, а достапни се и онлајн. Цената на билетите за партер е 1200 денари и може да се купат онлајн како и на билетарницата, додека цената за прва и втора галерија е 1000 денари и истите публиката може да ги купи само на билетарницата во МНТ.

Поврзани вести