Skip to main content

Монодрамата „Клитемнестра“ беше се она што ја красеше Соња Каранџуловска: Желбата да се биде на сцена, амбицијата кон големите дела и беспрекорната работливост, кажаа на комеморацијата за актерката во МНТ

Република

Монодрамата „Клитемнестра“, во продукција на Македонскиот народен театар (МНТ) е разултат на она што ја карактеризираше Соња Каранџуловска – желбата да се биде на сцена, огромната амбиција кон големите дела и беспрекорната работливост што ја красеше, беше кажано на денешната комеморација која ја организираше Националниот театар, чиј член беше актерката.

Каранџуловска почина на 77-годишна возраст, на 26 мај 2025 година. Дипломирала на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје во 1971 година, во првата генерација на дипломирани актери, во класата на проф. Илија Милчин. Во МНТ работела од 1974 до 2014 година.

Да се кажат прошталните зборови во името на фелата, колегите, пријателите, обожавателите за еден театарски човек, за една актерка, за една жена полна со дух, за Соња Каранџуловска не е едноставно, но ни претставува чест достојно, со љубов и почит, тука во МНТ, нејзината матична куќа, да се потсетиме на она што Соња Каранџуловска го работеше на сцената, за она што таа значеше на сцената и она по што публиката ја сакаше. Кога ќе речеме публиката, секако дека мислиме и на театарската, на филмската и на телевизиската, кажа на комеморацијата актерката Даница Георгиевска.

Таа потсети како Каранџуловска станала актерка и како нејзината мајка се противела на изборот на професијата.

Фото: Република

Сум си го носела тоа во себе. Инаку јас цел живот пишував поезија и требаше да бидам некој книжевник, но водите ме донесоа на ФДУ. На триипол годишна возраст, ме носеле во радио и сум говорела некоја стихотворба од 5 строфи за врапчето. Се сеќавам во маало правевме и претстави. Тука се развивало нешто. Во студенските денови, бевме и членови на студентскиот театар на културно – уметничкото друштво „Мирче Ацев“. И оттаму кога се одлучи да се отвара Академија во Скопје, професорот Илија Милчин нѐ зема без малку топтан сите. Вo тој театар бевме јас, Мајда Тушар, Гоце Влахов, Псалтиров, Лиле Велјанова. Се правеше како писмена работа како приемен испит – тоа беше литературен состав. Оти јас во тоа време пишував, напишав филозофска поезија – и кога го прочитал Илија Милчин рекол: „Нема, ќе ја примам“, иако од страна на мајка ми имаше интервенции да не одам тоа да студирам. Тој ми го кажа тоа кога веќе бев негов студент. Потоа, мајка ми сочуствуваше со мене и патеше кога немаше да добијам некоја улога. Секогаш беше со мене, раскажувала Каранџуловска.

LEAD Technologies Inc. V1.01

На сцената на МНТ, игра уште пред вработувањето. Прва улога и е Авдотја во претставата „Децата на сонцето“ (1973), во режија на Илија Милчин. Следуваат, меѓу останатите, Ангелина во „Потоп“ (1974), Лиза Дроздова во „Бесови“ (1978), Малтескињата Лезли во „Кенгурски скок“ (1979), Валерија во „Лов на диви пајки“ (1979), Паулина во „Череп“ (1980), Рената во „Војна и мир во Груда“ (1981), Нора во „Габи“ (1982), Анка во „Госпоѓа министерка“ (1983), Доли, пудлата, во „Воена тајна“ (1984), Мараја во „Слободни врски“ (1984), Клара во „Големиот брилјантен валцер“ (1986), Марија Луиса Балванера во „Еригон“ (1999), Болничарка во „Мара/Сад“ (2008), а последна и е улогата во „Троил и Кресида“ (2010).

Игра и во повеќе претстави во театар „Чекори“, во Народен театар – Куманово, како и во театарот „Пралипе“ како прв професионален актер во театарот.

Покрај во театар, игра и на филм: „Новогодишен карусел“ (ТВ филм, 1979), „Томе од бензиската пумпа“ (ТВ филм, 1979), „Време води“ (1980), „Хај-фај“ ТВ филм, 1987), „Пикасо“ (ТВ филм, 1987), „Марија лета со авион“ (ТВ филм, 1988), „Денес, утре“ (ТВ филм, 1998) и „Година на мајмунот“ (2018). Игра и во сериите: „Македонски народни приказни“ (од 1994 до 2017), „На наш начин“, „Легенди и преданија“, „Трето доба“, „Погрешно време“, „Обични луѓе“, „Од денес за утре“, „Турни ме да кинисам“, „Приказни од животот“ и „Преспав“.

фото: Македонски народен театар

Каранџуловска на ФДУ во еден период држела часови по сценско мечување, а била инструктор за мечување во преставата „Дон Кихот“ од 1987. За нејзината пасија, за нејзината вештина говореше Зоран Станојевиќ, претседател на Мечувалска федерација.

Со Соња се познавам од почетоците на нејзиното и моето мечување, 1970-1971. Факторграфијата е битен елемент во животот на секој спортист и од тој апскет Соња има настапувано на многу натпревари, турнири, меѓународни натпревари, патувања, во Европа. Младоста ја поминавме во возови. Во мечувањето како спортист остана долги години, но како вљубеник во мечувањето до крајот на својот живот, кажа на комеморацијата Станојевиќ.

Станојевиќ, освен за спортската кариера, говореше и за нејзиниот карактер.

Забележав дека често сака да дискутира, да се расправа, да има замерки на многу работи. Не ми беше јасно на почетокот, бев многу млад за да разберам. Подоцна сфатив дека се работи за една личност со јасни морални начела и една чиста душа која што не трпеше неправди и знаеше многу често да се расправа кога ќе забележеше дека нешто не е во ред . Сите ние знаеме кога ќе се случи неправда да дигнеме раце, но, Соња истрајуваше и се трудеше да ги исправи сите неправди што ќе ги забележеше. Друг апскет е нејизната љубов кон мечувањето. И покрај тоа што беше сериозно болна, доаѓаше да се види со пријателите од клубот и да даде своја поддршка на мечувањето, заврши Станојевиќ.

Поврзани вести