
Новата сезона 2026/2027 ќе започне на 25 септември со премиерата на „Три сестри“, современа сценска адаптација инспирирана од безвременската драма на Чехов, во режија на Нела Витошевиќ. Освен новото читање на едно од најзначајните дела на светската драмска литература, оваа премиера ќе остане запаметена и како првата претстава во историјата на МНТ што ќе се изведува со превод на англиски јазик.
Со воведувањето англиски превод за дел од претставите во однапред определени термини, Македонскиот народен театар ја отвора својата сцена и за странските посетители и љубителите на театарот кои не го зборуваат македонскиот јазик. Оваа новина ќе овозможи поширока публика целосно да ја доживее македонската театарска продукција и претставува важен чекор кон нејзино меѓународно доближување.
Новата адаптација на „Три сестри“ е по текст на Васил Христов и Нела Витошевиќ, со драматургија на Викторија Рангелова-Петровска, и нуди современ поглед на темите што Чехов ги направи вечни – надежта, неостварените соништа, семејните односи и потрагата по смисла.
Во претставата играат Дарја Ризова како Ирина, Наталија Теодосиева како Маша, Верица Недеска како Олга, Дамјан Цветановски како Андреј, Благој Веселинов како Александар, Емил Рубен како Иван, Ивица Димитријевиќ како Игор, Нина Деан како Наташа и Антонио Ташковски како Никола. Креативниот тим го сочинуваат сценографот Игор Васиљев, костимографката Роза Трајческа, композиторот Огнен Анастасовски и извршните продуценти Симона Угриновска и Виктор Рубен.
Билетите за премиерата на 25 септември, како и за првите изведби, веќе се пуштени во продажба. Со оваа претстава, МНТ не само што ја отвора новата театарска сезона, туку испраќа и јасна порака дека македонската сцена е подготвена да ја сподели својата уметност со поширока, меѓународна публика.

Македонски



