
„Младите доаѓаат и звукот на идната генерација“ е насловен концертот кој ќе се одржи в четврток, со почеток во 20 часот. Ова е традиционален концерт на оркестарот на Македонската филхармонија со учениците и студентите од државните музички училишта и факултети. Диригент е маестро Борјан Цанев, а на програмата се дела од А.Марчело, Е. Бара. Ф.А. Хофмастер, К.М. Вебер, Ф.Лехар, К.Дитерсдорф, Г.Хуе, Х.Виењавски, Д.Мијо, В.А. Моцарт, Ф.Менделсон, Сен-Санс, В.Зубицки и Д.Шостакович.
Како солисти ќе настапат:Стефан Трајановски – саксофон, Бојан Крстевски – кларинет, Ангела Влинтовска – виола, Боjан Наумовски – кларинет, Деница Дена Стоjаноска – соло пеење, Огнен Златанов -контрабас, Магдалена Ковилоска – флејта, Божана Гошева – виолина, Бојан Анакијевски – удирачки инструменти, Давид Петрушев – кларинет, Ѓорѓи Димовски и Григори Ангелов – саксофон, Боjана Митковска – виолина, Филип Петрески – хармоника и Милица Станковиќ – пиjано.
Со настапите дома и во странство, а особено со последните гостувања со Краковската, Северночешката, Софиската и Македонската филхармонија, Борјан Цанев останува еден од
најбараните диригенти во Македонија и во поширокиот регион.
Маестро Цанев ја балансира својата кариера помеѓу сценските настапи и наставата како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговиот 20 годишен ангажман како главен диригент на Македонската филхармонија, одигра исклучително важна улога во квалитативниот раст на ансамблот. Во улогата на наставник и ментор, тој поведе многу генерации на музичари кон нивните професионални патишта дома и во светот. Како добитник на високите признанија
„Виртуози – најдобар музички изведувач“ и ,,Ѓорѓи Божиков” – за најдобра изведба на дела од македонски композитори, тој важи за еден од најпрефинетите музичари во Македонија.
Дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија. Веднаш потоа е назначен за диригент на Македонската филхармонија. Во 2000-2001 Цанев специјализира диригирање на Кралскиот музички колеџ во Лондон, каде што
работи со реномираните диригенти сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст. Токму на Кралскиот колеџ ја добива и наградата „Аугуст Манс“ за најдобар млад диригент. Еден од
најважните настани од неговата рана кариера е поканата да му биде асистент-диригент на сер Колин Дејвис во продукцијата на Моцартовата опера „Дон Џовани“ во Кралскaта оперска школа. Во периодот 2003-2006 година делува како главен диригент на камерниот оркестар „Скопски солисти“, а во 2006-2009 е назначен за постојан гост-диригент на Софиската филхармонија. Во Македонската опера и балет диригирал повеќе изведби на ,,Травијата” од Верди, ја води премиерата на новата продукција на „Волшебната флејта“ од Моцарт, како и премиерата на балетот ,,Александар III Македонски“ од Љубомир Бранџолица. Во 2015 година ја предводи Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерти во Њујорк, во „Карнеги хол“ и во Музичкиот центар „Кауфман“. Покрај Македонската филхармонија, маестро Цанев диригирал и со: Лондонскиот симфониски оркестар, Софиската филхармонија, Филхармонијата во Краков, Северночешката филхармонија,
Црногорскиот симфониски оркестар, Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, Симфонискиот оркестар на Војводина и многу др. Настапувал со светски реномирани солисти, меѓу кои: Иво Погорелиќ, Јоханес Мозер, Готје Капусон, Сергеј Накарјаков, Сајака Шоџи, Даниел Милер-Шот, Кирил Трусов, Серхио Тиемпо, Иља Гринголц, Акико Суванаи, Симон Трпчески, Светлин Русев, Алексеј Огринчук, Жанг Зуо, Штефан Дор, Џозеф Алези, Дејвид Герет, Стефан Миленковиќ, Роман Симовиќ, Криштоф Барати, Моника
Лесковар, Тине Тинг Хелсет, Питер Лукаш-Граф, Ана Дурловски, Благој Нацоски и многу други.