
„Македонци, вие не сте само херои, туку и светци. За вас, сите жртви се заслужени.“ Оваа мисла на еден од основачите на Македонската револуционерна организација, Иван Хаџи Николов, се чини е една од оние што беа двигател на саможртвата на илјадниците идеолози и борци за македонската слобода. И оние што ја дочекаа слободата, и оние што ја прифатија девизата на Дамјан Груев: „Подобро ужасен крај, отколу ужас без крај“. Денес, како што запишал Христо Татарчев, „Слободниот живот, но и политичките борби, влијаеа кај мене да се формира посебен светоглед за слободата на човекот и народите.“ Кога веќе со генерации ја имаме слободата, мораме да сме свесни дека таа немаше да се случи без битки и жртви и дека ниту еден друг свет ден во нашата историја не ќе беше возможен ако не се формираше Македонската револуционерна организација што е темелник на македонската борба и на македонскиот крик за државност и самостојност.
Затоа, за нас, Македонците што ги водиме денешните битки, нашите херои, сите оние што беа дел од Организацијата и од битките за нашата слобода и државност се рамни на светци. Споменот за нив ќе го сочуваме само ако сториме сѐ за да го сочуваме и развиваме сето она што е македонско и ако ги добиеме битките што треба да ги водат нашите генерации. „Матица македонска“, споменот за нив го чува во своите изданија со кои нивните имиња со златни букви ги испишуваме во меморијата и на новите генерации, во исто време со свеста дека треба да се избориме како Македонци. И во сите битки, сме и ќе останеме на браникот на македонското, со македонски збор и со македонска книга. Следејќи го светлиот пример на Организацијата!
Да живее споменот и чествувањето на Македонската револуционерна организација!
Нека ни е честит Денот на македонската револуционерна борба!
Нека се вечни Македонија и македонскиот народ!