
„Матица македонска“ го создаде најзначајниот македонски литературен кружок на крајот на дваесеттиот век и во новиот милениум. Ги обедини македонските автори како Македонскиот литературен кружок пред Втората светска војна. Ама во современие, повторно со идеали и со македонска мисла, уште во мугрите на самостојната македонска држава. На македонските писатели им овозможи дом на македонското слово, заштитувајќи го од сите политички ветришта и виулици што катаден ни ги приредуваат. Матицата на македонските писатели, од македонски книги го изгради највисокиот заштитен ѕид на македонската држава – непробоен за куршумите од непријателските рафали. Но изгради и мост по кој македонскиот писател стига и до читателот и до светот, а останува дома, крај нашето македонско огниште. „Матица македонска“ не е само издавач, туку е симбол на современата македонска држава по којaшто пекаа и за којашто живееа и умираа нашите прадедовци. Таа е завет за нашите правнуци, од тука да го учат словото македонско.
Ова, пред точно 20 години го кажа и го запиша академик Гане Тодоровски. Денес, кога се чествуваат 35 години од основањето на првата издавачка куќа во самостојна Македонија, книги од него и за него се дел од стотиците наслови на традиционалниот зимски саем „Книга во секој дом“, заедно со наслови од уште десетици македонски великани.
По повод големиот јубилеј, „Матица македонска“ почна да ја отвора архивата за своите читатели, презентирајќи и дел од најстарите, а воедно и најзначајни свои изданија – дела со историско значење за Македонија. Денес, од „Матица“ е упатен и повик до читателите, во потрага по најстарите изданија во домашните библиотеки. На своите страници на социјалните мрежи, „Матица“ ги повика читателите да ги пронајдат и да ги фотографираат најстарите изданија во своите домашни библиотеки и да ја споделат својата приказна поврзана со книгата од првата издавачка куќа во самостојна Македонија. „Пребарајте низ вашите домашни библиотеки за да ја пронајдете најстарата книга купена од ’Матица‘, фотографирајте ја и споделете ја со нас. Дали е тоа книга со која пораснавте, книга што ви ја подарил некој сакан или првиот роман што ве натерал да се вљубите во читањето?“ – наведено е меѓу другото во објавата. Од „Матица“ се најавени и изненадувања за сите читатели што ќе ги издвојат најстарите нивни изданија од домашните библиотеки, како и специјални награди за читателот што ќе сподели најстаро издание и за оној што ќе има најемотивна приказна поврзана со книгата. Како што е нагласено, акцијата трае до 27 февруари.
На саемот на „Матица“ има стотоци дела од најзначајните македонски автори и квалитетни преводи на највредното и најчитаното од светската книжевност – од дела од антиката, преку Чехов до дела од форматот на прозните остварувања на Лусинда Рајли, чијшто роман „Последната љубовна песна“ беше објавен неодамна. Нови книги за децата и тинеџерите. Но и капитални монографии, историска литература, стручна литература од повеќе области.
Зимскиот саем „Книга во секој дом“, со јубилејни попусти по повод 35 години од формирањето на „Матица македонска“ ќе трае до крајот на овој месец.

Македонски



