
Вечерва во Продажниот салон на Културно Информативниот Центар во Скопје, со почеток во 20:00 часот, ќе биде отворена изложба на акварели на композиторката Јана Андреевска, насловена како „Мапирање на спокојот“. Изложбата како спој на музиката и сликарството.
Јана Андреевска веќе неколку децении претставува значајна фигура на меѓународната композиторска сцена. Сепак, нејзината уметничка имагинација не е ограничена само на музиката. Сликањето за авторката последниве години прерасна во интимен и автентичен творечки простор, што резултира со изложбата „Мапирање на спокојот“.
„Веќе подолго време поттикот за изложба го добивав од многумина што ме следат на Фејсбук. Пред некој месец сфатив дека обемот на тоа што го имам сработено, разновидноста од тематики и формати овозможува и со еден многу строг избор да можам да изложам еден задоволителен квантум.“
Таа истакнува дека создавањето музика е процес што минува низ повеќе етапи и се остварува низ различни форми на соработка, за разлика од сликањето кое го доживува како индивидуална и многу поинтимна уметничка активност, ослободена од потребата за посредници и туѓо учество.
„Музиката и како процес на создавање од замисла до реализација на партитура како временска уметност, потоа врзана со тимска работа за да се заокружи со изведба, опфаќа многу различни фази и во таа смисла е многу покомплексна и подолготрајна. Сликањето не е толку сложено во таа смисла, тука сте сами и не ви треба никој. Но, за мене и двете бараат висок степен на концентрација, потреба од јасност на намерите и соодветно избрани средства и воопшто една посебна духовна состојба, внесеност при која времето тече со друга брзина, внесеност без која создаденото не би имало магија.“
Јана Андреевска (р.1967, Скопје) e композитор, професор на Факултетот за музичка уметност на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и уметнички организатор во светот на современата класична музика. Таа е првата македонска жена-композитор и една од меѓународно најизведуваните македонски композиторки. Интересот кон сликањето го пројавува уште на рана возраст, но и покрај големата желба тоа да и биде професија, дефинитивно целосно им се посветува на студиите по композиција и на музиката која и станува професионална определба. Со акварел почнува поактивно да се занимава во текот на пандемијата со Ковид 19.