Skip to main content

Манаскова: Тумба Маџари е жива трага на стара култура од 8.000 години, која нè учи дека идентитетот не е фиксиран симбол, туку континуитет на значења што се обновуваат низ времето

Вчера Археолошкиот локалитет Тумба Маџари доби на располагање дополнителен простор за научна работа и истражувања. Компанијата „ЕВН Македонија“ му отстапи на Археолошкиот музеј на Македонија сопствена парцела од 6.000 квадратни метри, до самиот локалитет, за долгорочно користење. Договорот го потпишаа директорката на Музејот, Магдалена Манаскова, и претседателот на Управниот одбор на „ЕВН Македонија“, Волфганг Маиер. На настанот присуствуваа и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, и амбасадорот на Австрија, Мартин Памер.

Овој договор за отстапување на парцелата е симбол на посветеноста за презентација на културното наследство и за заштита за идните генерации. Ова наследство не е важно само за историјата на Македонија туку е дел и од европската цивилизација – посочи Маиер.

Директорката Манаскова, пак, кажа дека договорот е „основа за долгорочна соработка, која ќе овозможи подобри услови за работа, како и нови проекти на локалитетот. Таа истакна: „Тумба Маџари е жива трага на стара култура од 8.000 години, чии остатоци се длабоко вградени во современото културно ткиво и која нè учи дека идентитетот не е фиксиран симбол, туку континуитет на значења што се обновуваат низ времето“.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, потсети дека пред една година, по стапувањето на функцијата, се соочил со предизвици во решавањето на имотноправните односи на парцелата.

Ограничувањето на сопственоста значително влијаеше на просторот за работа на локалитетот и нè спречуваше во нашите напори за зачувување и за истражување на ова важно културно наследство. Денес, гордо можам да кажам дека остваруваме значителен напредок, добивме поголем простор, кој ќе овозможи да го развиваме локалитетот на начин на кој заслужува – истакна Љутков.

Тој, исто така, кажа дека локацијата што се отстапува денес за долгорочно користење ќе стане дел од живата мрежа на научна работа, теренски истражувања, едукација и развој. Таа, посочи, ќе биде алатка во рацете на стручњаците, но и отворена врата кон новите генерации, кои ќе имаат можност да ја запознаат, допрат и разберат својата историја, не како апстрактна категорија, туку како нешто свое, длабоко и живо.

Според австрискиот амбасадор, Мартин Памер, настанот е значаен и симболичен за билатералната соработка меѓу Австрија и Македонија.

Првпат сум тука, но знам какво импресивно културното наследство има С Македонија, од античките времиња, палеолитот и неолитот, исто така и од римскиот период, како што се Стоби и Скупи, кои се дел од она што им го претставувам на моите гости. Во иднина, исто така, ќе доаѓаме и во Тумба Маџари – додаде Памер.

Долгогодишната раководителка на археолошките истражувања на локалитетот, м-р Елена Стојанова Канзурова, пред присутните го презентираше и ексклузивниот наод од овогодинешната истражувачка кампања, зооантропомофен жртвеник, засега единствен од ваков вид во Македонија.

Поврзани вести