
Деканот на Филозофскиот факултет во Загреб и врачи благодарница за македонскиот КИЦ на директорката Мими Ѓоргоска Илиевска.
Директорката на македонскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, во име на својата институција прими благодарница од Филозофскиот факултет во Загреб за успешната соработка и поддршка во проучувањето и учењето на македонскиот јазик, книжевност и култура во интерес на јакнење на културната дипломатија со цел меѓусебно разбирање и доверба.
Повод за свечениот настан што се одржа во големата сала на Универзитетот во Загреб беше одбележувањето на 150-годишнината од основањето на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Загреб.
Во својот говор на свечената церемонија, деканот на Филозофскиот факултет во Загреб, Домагој Тончиниќ, во контекст на 21 февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, ја истакна цивилизациската и културната важност на научното проучување и изучување на светските јазици, посочувајќи го фактот дека во рамките на загребскиот Филозофски факултет се изучувааат 28 јазици, меѓу кои и македонскиот.
На настанот беа доделени благодарници на повеќе министерства, странски амбасади и културни институти/центри кои остваруваат соработка со Филозофскиот факултет во Загреб во интерес на продлабочување на взаемните билатерални односи. Присутните можеа да ја слушнат и доживеат јазичната разноликост која се изучува на загребскиот Филозофски факултет преку учеството на студентите кои текстовите од благодарниците ги прочитаа на мајчините јазици на добитниците.