Skip to main content
Мими Ѓоргоска- Илиевска, директорка на Македонскиот Културно-информативен центар во Загреб

Македонскиот КИЦ во Загреб стекнува препознатлива и значајна улога на полето на културната дипломатија и се позиционира како видлив промотер на државните интереси

Мими Ѓоргоска- Илиевска, актуелна директорка на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб е универзитетски професор, експерт за заштита на АВ наследство и филмска дејност, која активно работи и на полето на културната дипломатија и меѓународна промоција на македонската култура.

Мими Ѓоргоска-Илиевска (1972) повеќе од две децении работи на полето на филмската архивистика и промовирањето на националната кинематографија. Најпрво како филмолог, виш филмолог и директор на Кинотеката на Македонија, потоа како директор на Агенцијата за филм на Република Македонија, но и како Советник за библиотечни, аудиовизуелни и фонотечни добра во Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура. Таа е автор на повеќе текстови објавени во домашни и странски списанија, професор и предавач, а во повеќе мандати беше и македонски претставник во неколку меѓународни организации и тела ((FIAF, ACE, Euroimage, Eureka Audiovusual,, итн.) фокусирани на креирањето стратегии и политики за зачувување на европското и светското аудиовизуелно наследство.

Одликувана е со орденот „Витез од редот на уметноста и книжевноста“ кој го доделува Министерството за култура и комуникации на Република Франција.

Со Ѓоргоска- Илиевска разговаравме за новиот предизвик- прв човек на Македонскиот КИЦ во Загреб, бројните активности кои изминатиов период ги реализираше со голем успех, изучувањето на македонскиот јазик во Хрватска, промоција на туристичките потенцијали на Македонија во Хрватска…

Македонскиот КИЦ во Загреб со проектот „Фотографи – Арсовски“ влезе во најтесен избор за наградата на ИКОМ во Хрватска. И ова е само еден од низата настани кои ги реализиравте годинава. Неуморно работевте како прв човек на Македонскиот КИЦ во Загреб. Како Ви помина оваа година?

Секогаш е убаво чувството кога за ангажманот и за сработеното ќе добиете одредено признание, кога во визијата која сте ја имале при реализацијата на одредени проекти ќе биде препознаен квалитетот. Посебно импонира фактот кога работите надвор од границите на Македонија во интерес на промоција и афирмација на сопствената држава преку, би рекла, еден од најубавите можни начини, а тоа е културата и културната дипломатија. Сепак, ваквите признанија истовремено се и уште поголема обврска и одговорност кон креирање на стартегии и културни политики коишто на најдобар можен начин ќе ги претстават врвните вредности на македонската култура и уметност.

          Номинацијата на меѓународниот музејско-истражувачки проект „Фотографи – Арсовски“, реализиран во соработка помеѓу загребскиот Музеј на уметности и занаети, македонскиот КИЦ во Загреб и Музејот на град Скопјe, меѓу трите најдобри меѓународни проекти за годишната награда на ИКОМ – Хрватска е само еден показател дека изминатава година ми беше исполнета со многубројни проекти и предизвици коишто резултираа со препознавање на програмата на македонскиот КИЦ во Загреб на едно исклучително високо рамниште. Искрено, многу значи кога во една европска културна престолнина, како што е Загреб, ќе успеете да се етаблирате како препознатлива институција чијашто програма се вбројува на мапата на културните настани кои го креираат културниот живот во Загреб.

          Ова е исклучително значаен успех за македонскиот КИЦ во Загреб и потврда за нашата посветеност и континуирана поддршка за афирмација и промоција на македонските културни вредности. Истовремено е и силна потврда за капацитетот на македонската културна дипломатија да комуницира со меѓународната јавност и да биде дел од современиот дијалог за промоција на културните вредности, со посебен акцент врз продлабочувањето на меѓународната соработка и културните врски меѓу Македонија и Хрватска.

Еден од проектите беше Фестивал на современа македонска книжевност. Македонскиот јазик и култура се присутни речиси дваесет години во образованието во Хрватска и се изучуваат во седум основни училишта и три гимназии, а во Риека веќе постои Лекторат за македонски јазик. Каков е Вашиот впечаток, колкав е интересот за македонскиот јазик и литература во Хрватска?

          Уште со моето преземање на функцијата директорка на македонскиот КИЦ во Загреб пред себе си поставив јасна цел дека македонскиот КИЦ треба да создаде неколку препознатливи манифестации коишто со текот на годините ќе прераснат во традиционални. Еден од тие проекти е токму Фестивалот на современа македонска книжевност, којшто го организиравме  во соработка со реномираната македонска издавачка куќа ,,Македоника литера“.

            Целта на востановувањето на книжевниот фестивал е да придонесе за афирмација и за продлабочување на македонско-хрватските културни врски, а посебно на соработката на полето на книжевноста. Фестивалот ќе отвора можности за континуирано (годишно) претставување на современата македонска книжевност, македонската издавачка дејност, македонски писатели, како и на македонско-хрватските релации и за застапеноста на хрватските автори на македонски јазик и на македонските автори на хрватски јазик пред читателската публика.

          Првото издание на фестивалот привлече големо внимание кај хрватската книжевна јавност и кај македонската заедница во Загреб. Се одвиваше во мошне конструктивна и продуктивна атмосфера и во трите фестивалски денови беа овозможени многу контакти меѓу издавачи, уредници, автори и преведувачи и беа иницирани нови проекти за соработка, првенствено во областа на книжевниот превод. Всушност, замислата и целта на овој фестивал е да ја афирмира и уште повеќе да ја поттикнува македонско-хрватската соработка во книжевноста, издаваштвото и воопшто во културата.

          На Фестивалот на современата македонска книжевност учествуваа македонски и хрватски еминентни и реномирани автори, преведувачи, уредници, издавачи и универзитетски професори по книжевност од Загреб.

          Во контекст на Вашето прашање во однос на изучувањето на македонскиот јазик во училиштата во Хрватска, би сакала да истакнам дека во многу проекти на македонскиот КИЦ ги вклучуваме токму учениците кои го изучуваат македонскиот јазик. Така во рамките на Фестивалот на современа македонска книжевност, на средбата со водечките хрватски писателки за деца Сања Пилиќ и Силвија Шесто и претставувањето на македонските изданија на нивните книги беа вклучени ученици кои го изучуваат македонскиот јазик во училиштата во Загреб.

          Започнувајќи од основното и средното образование, Хрватската држава овозможува изучување на македонскиот јазик на различни образовни нивоа. Треба да се истакне дека со основањето на лекторатот по македонски јазик во Риека даден е значаен импулс во промоцијата, афирмацијата и зачувувањето на македонскиот јазик. И секако многу е значајно тоа што во рамките на Филозофскиот факултет во Загреб, при групата за јужнословенски јазици и книжевност, постои посебна катедра по македонски јазик. Можам да кажам дека има значителен интерес за изучување на македонскиот јазик во Хрватска и тоа не само кај Македонците, туку и кај Хрватите.

Годинава за прв пат се реализираше Фестивал на македонски филм-македонски филмски класици, во рамките на кој се одржаа проекции не само во Загреб, туку и во повеќе градови низ Хрватска. Какви беа реакциите? Ќе продолжи ли ова како еден вид традиција секоја година?

          Востановувањето на „Фестивалот на македонски филм“ е дел од моите поставени цели и приоритети да се  основаат неколку препознатливи манифестации коишто со текот на годините ќе прераснат во традиционални. Интенцијата за основање на „Фестивал на македонски филм“е да се создаде еден константен и видлив репрезент на македонското филмско творештво пред хрватската културна публика.

            Првото издание на Фестивалот на македонски филм беше посветено на македонските филмски класици и се реализираше во соработка со Кинотеката на Македонија. Отворањето на фестивалот беше на Денот на независноста на Македонија, резервирано за почетоците на македонската кинематографија, со ексклузивна проекција на целокупниот дигитално реставриран филмски опус на браќата Манаки, првите сниматели на Балканот. Во рамките на програмата беа прикажани култни филмски остварувања на реномирани македонски режисерски имиња: Столе Попов, Љубиша Георгиевски, Милчо Манчевски, Димитрие Османли и Митко Панов.

          Воспоставената соработка со „Хрватската мрежа на независни киноприкажувачи“ ни овозможи фестивалската програма да биде прикажана низ 13 кино сали, во 13 градови во Хрватска. За првпат организиравме патувачки фестивал на македонскиот филм надвор од Македонија, како и прва соработка од овој вид, во која македонската кинематографија воспостави директна комуникација со една интернационална мрежа на независни киносали, односно со „Хрватската мрежа на независни киноприкажувачи“. 

          Благодарение на партнерската соработка со Кинотеката, фестивалската програма беше збогатена и со изложба на македонски филмски плакати, значаен филмско-архивски материјал, кој има значајно место во промоциската, визуелната и естетската перцепција на филмот како комплексен културен производ.

          Фестивалот на македонски филм предизвика огромен интерес кај хрватската публика. Тоа беше мотивирачки поттик, веднаш по првото издание заедно со нашите партнери, да започнеме да размислуваме и да го подготвуваме концептот и програмата којашто следната година ќе ја понудиме на хрватската публика.

Културно-информативните центри имаат клучна улога во промоцијата на културата и традицијата на една држава на меѓународно ниво. Сметате ли дека Македонскиот КИЦ во Загреб покрај културната дипломатија може да има проширени надлежности во функција на промоција на туристичките потенцијали на државава, со оглед на фактот дека во Хрватска туризмот како гранка е мошне развиен?

          Македонскиот културно-информативен центар во Загреб, следејќи ги тенденциите на модерните културно-дипломатски практики, стекнува препознатлива и значајна улога на полето на културната дипломатија и се позиционира како видлив промотер на државните интереси.

          Културата и туризмот се суштински поврзани, бидејќи културното наследство, традициите, уметничките практики, гастрономијата и современите културни настани претставуваат значаен дел од туристичката привлечност на една држава. Во таа смисла активностите што веќе ги реализира Културно-информативниот центар во Загреб – ликовни изложби, книжевни промоции и трибини, музички и филмски настани – можат да функционираат и како ефикасен информативен канал во една земја, конкретно во Хрватска, за дополнителна афирмација на Македонија и како посакувана туристичка дестинација, како земја која има што да понуди, која треба да се посети и непосредно и директно да се почувствува душата на нејзината богата културна ризница.

          Во таа насока би го издвоила претставувањето на македонскиот рубин како национално природно минералошко богатство како и проектот за промоција на нематеријалното културно наследство којшто го реализиравме во соработка со УЗКН, одбележувајќи го јубилејот 10. години од впишувањетo на гласоечкото пеење на Ургентната листа на УНЕСКО во рамките на светски реномираниот хрватски фестивал Меѓународна смотра на фолклорот.

          Имајќи предвид дека Хрватска е земја во која туризмот е стратешки важна стопанска гранка, хрватската јавност и хрватските институции имаат јасна перцепција за значењето и функциите на туризмот. Затоа, секоја добро осмислена промотивна порака поврзана со културно-туристичките потенцијали на Македонија многу лесно е препознаена, видлива и прифатена во хрватската средина.

          Поаѓајки од овие неоспорни факти, македонскиот КИЦ во Загреб, со своите реализирани проекти, делува и во насока на туристичка промоција на Македонија и со тоа придонесува за поголема интеракција помеѓу културната и економската дипломатија. Во тој контекст, се напушта концептот за културната промоција како цел самата по себе, туку се создава нов концепт во кој културната промоција прераснала во стратешко средство за зголемување на интересот кон Македонија како автентична и привлечна, културна и туристичка одредница.

Разговараше: Невена Поповска

фото: приватна архива

Поврзани вести