Skip to main content

Македонскиот КИЦ во Загреб преполн за „Магичниот круг на детството“

Вчеравечер салата на Македонскиот КИЦ во Загреб беше претесна да ги прими сите посетители кои дојдоа да го проследат завршниот настан – промоцијата на книгата и проектот „Магичниот круг на детството“ од Татјана Гогоска.

Во изминатите денови, децата кои го изучуваат македонскиот јазик во училиштата „Никола Тесла“ и „А. Харамбашиќ“ во Загреб под менторство на наставничката Деспина Белчовска Велинска активно учествуваа во креативни работилници за глума, илустрација и креативно пишување. Работилниците се реализираа под менторство на Снежана Коневска Руси, Кристина Таневска и авторката Татјана Гогоска.

Круна на настанот беше впечатливиот детски перформанс, како и изложбата на цртежи и раскази произлезени од креативните творби на децата.

Перформансот на децата, изложбата на цртежи и раскази од нивните креативни творби , беше најискрениот начин, како децата само знаат, да се пренесат делови од книгата до бројната публика.

Како признание за својот труд, децата од авторката добија примероци од книгата „Магичниот круг на детството“, како и поттик да продолжат да читаат македонска литература наменета за нивната возраст.

На почетокот на настанот пред многубројната публика се обратија Н.Е. Драган Ѓурчевски, Амбасадорот на Македонија во Хрватска и директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска кои пред се’ упатија топол и срдечен поздрав до децата потенцирајќи дека тие се главни протагонисти на овој проект кој што се реализираше под мотото – „Македонскиот јазик е најголемата културна татковина, која нема граници“.

Настанот уште еднаш ја потврди важноста на негувањето на македонскиот јазик, култура и креативниот израз кај најмладите.

Во рамки на престојот во Загреб, тимот на проектот „Магичниот круг на детството“ реализираше и две значајни посети – положување цвеќе пред бистата на македонскиот великан Блаже Конески и посета на МПЦ „Св. Злата Мегленска“.

Проектот „Магичниот круг на детството“ на КАТ Продукција е дел од годишната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб поддржан од Министерството за култура и туризам.

Поврзани вести