
Од 27 до 29 јуни во Лесковац се одржа 27 по ред Балканска смотра на млади стрип автори. Покрај многуте содржини на овој стрип фестивал, кој се смета за најстар и најмасовен настан на Балканот, се организира и меѓународен стрип конкурс.
Оваа година на овој конкурс се пријавиле рекордни 3.172 учесници од 51 земја од сите континенти, а македонските стрип автори имаа забележителен успех.
Во првата вечер на Стрип центарот од Велес му се додели диплома за најмасовно организирано учество на споменатиот конкурс. Наградата ја прими Томе Трајков, програмски координатор, кој информира дека годинава се пријавиле 60 македонски ученици со свои стрип дела.
Во втората вечер биле доделени награди за најдобрите од стрип конкурсот. Според жирито, најдобар млад сценарист е Војдан Андонов од групацијата „ПАРАГОНС “ од Скопје за стрип нацртан од Марко Марковиќ, а Александар Бараковски е добитник на диплома во категорија на најдобра илустрација.
Завршниот ден на оваа балканска смотра бил наменет за получасовни панел промоции на присутни автори од стрип сцени од разни земји, меѓу кои и бројните присутни автори од Македонија.