Skip to main content

Љутков: Со враќањето на Пчињското евангелие во Охрид сведочиме на победа на трудот, знаењето и љубовта кон културното наследство на својата земја

По повод враќањето на вредното Пчињското изборно евангелие од 16 век во депото на Националната установа Библиотека „Григор Прличев“во Охрид денеска на малата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“ од 13 часот се одржа пригодна свеченост.

За значењето на евангелието говореше министерот за култура и туризам Зоран Љутков, директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Христина Трпеска, м-р Зорица Јаковлевска – Спировска од НУБ „Св. Климент Охридски“ Скопје, д-р Илија Велев од Институтот за македонска литература во Скопје и м-р Милчо Јованоски, виш библиотекар во охридската библиотека.  

Денес сведочиме чин што го премостува минатото со сегашноста – тивко, но свечено враќање на „Пчињското изборно евангелие“ во неговиот вистински дом, во Охрид – градот што од секогаш бил олтар на словото и светлина на духот.

Ова не е само културен настан, туку победа на паметењето над заборавот, на тивкото траење над минливоста, на духовното над временото.

Денес, „Пчињското изборно евангелие“ – најстариот ракопис од реткиот фонд на нашата Национална установа Библиотека „Григор Прличев“ – повторно го пронајде својот здив, овде меѓу древните охридски ѕидини, местото во кое зборот живеел отсекогаш.

Со ова дело, напишано во последната четвртина на XVI век, повторно се затвора еден долг круг – круг на потрага, заштита и враќање дома.

Ракописот, откриен во 1999 година од книжевниот историчар и истражувач на стари ракописи Михајло Георгиевски, долго време минуваше низ раце на посветени професионалци и конзерватори. Благодарение на неговата визија и стручноста на нашите институции, Евангелието беше спасено од заборав и физичка пропаст.

Во 2023 година,  со финансиска поддршка од Министерството за култура, беше адаптирано новото депо за редок библиотечен фонд – простор изграден по највисоки стандарди за заштита, контрола на микроклима и сигурно чување на книжното наследство.

Денес, кога велиме дека Пчињското евангелие е повторно дома, не мислиме само на неговата физичка адреса,туку на духовното враќање – враќањето на еден симбол на верата, писменоста и културниот континуитет на нашиот народ, во градот што отсекогаш бил трезор на духот – Охрид.

Во чест на ова враќање, подготвен е и нов Каталог, со факти, фотографии и истражувања што ја осветлуваат не само историјата на Евангелието, туку и богатството на охридскиот редок фонд – вистинска ризница со 812 книги од периодот 1872–1945 година, на разни јазици и автори.

Библиотеката „Григор Прличев“ денес не е само институција – таа е жив организам на духот. Во своите депоа чува над 100.000 книги, но уште поважно – чува љубов кон знаењето.  Веќе осум децении таа е трезор на мислата, чувар на зборот и сведок на генерации охриѓани кои преку дружбата со книгата станувале луѓе во вистинска смисла на зборот – носители на развојот, достоинството и иднината на нашиот град и на нашата држава.

Како министер за култура и туризам, ме радуваат податоците што секојдневно пристигнуваат од нашите национални и локални установи. Во нив ја гледам енергијата на едно културно општество во подем. Тоа е особено изразено овде во Охрид – каде Библиотеката станува стожер на културниот и општествениот живот.

Речиси секоја недела бележиме нова промоција, нов автор, нова идеја. Тука се негуваат роднокрајните автори, библиотеката се јавува и како издавач, а во рамки на Меѓународниот фестивал „Јаков од Камена Река“ беше заслужено наградена како библиотека со најмногу издадени книги од домашни автори во 2024 година.

Затоа денес, со враќањето на Пчињското евангелие, ние не сведочиме само на еден културен настан – туку на победа на трудот, знаењето и љубовта кон културното наследство на својата земја.

Тоа е доказ дека секоја установа што се стреми кон развој и посветеност, во иднина ќе биде поддржана од Министерството за култура и туризам.

Библиотеката „Григор Прличев“ бездруго е во редот на најдобрите меѓу нив.

Денес, со овој настан, таа, на најдобар начин го докажува она што сите ние одамна го знаеме: дека Охрид не е само град на езерската светлина , туку и град на книгата, зборот и вечноста, рече Љутков.

„Пчињското изборно евангелие“ важи за најстар ракопис зачуван во стариот – редок фонд во НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид. Ракописот е најден од страна на книжевниот историчар  и истражувач на стари ракописи Михајло Георгиевски во необработениот фонд во библиотеката во1999 година.  Тој го поттикнал тогашното раководство на Градската библиотека во Охрид, Евангелието да го даде во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје да биде заштитено.

Првата конзервација и реставрација на евангелието во НУБ е во 2000 година и било вратено во Охрид, каде останало до 2011 година. Поради несоодветните услови за чување ( голема влага ) при направената контрола од страна на стручни лица врз ракописот се забележани сериозни оштетувања на книгата и таа е повторно вратена во Скопје на нова концервација и реставрација која се случила во 2014 година.

Откако во 2023 година со финансиска помош од 300 000 денари од страна на Министерството за култура, Библиотеката го реализира проектот за адаптација на простор и отвори Депо за редок библиотечен фонд со примена на високи стандарди за негово чување, се создадоа услови и за враќање на Пчињското евангелие кое датира од последната четвртина на 16 век.  Сега, Евангелието повторно е дома, во депото во Охрид.

Во петок ќе биде промовиран и новиот Каталог посветен на враќањето на Евангелието во Охрид, со конкретни факти за него и за богатиот трезор од ретки книги

Во Охрид во реткиот фонд има 812 книги и тоа од периодот 1872 до 1945  година напишани во оригинал  или преведени на српски, хрватски, руски, бугарски од англиски, француски и италијански автори. Од нив во последниве пет години стручно се заштитени околу 100  книги.  Во Каталогот по едно опсежно истражување е претставен реткиот македонски фонд од 1944 до 1950 година. Во него се опфатени важни документи кои сведочат за темелите на македонската државност сврзани со Илинден и НОБ но и првите  научни и литературни дела како Букварот со читанка на македонски јазик, делата на Крсте П. Мисирков, Блаже Конески, Славко Јаневски, Лазо Каровски, Јован Бошковски и охриѓаните Радослав Петковски и Борис Бојаџиски. Настанот ќе биде збогатен со настапот на Градски хор „Вокс Лихнидос“ под диригентската палка на Бурим Хидри.

Поврзани вести