Skip to main content

 „Лов на дива свиња“ во режија на Наташа Поплавска денеска премиерно во Градското позориште Подгорица

По успешната праизведба летово на сцената во Македонскиот народен театар, претставата „Лов на дива свиња“ на 7 септември премиерно ќе се одигра пред публиката и во Градското позориште Подгорица. Ден потоа е закажана и првата реприза.

Марија Сарап е современа писателка од Црна Гора, која од неодамна е уметнички директор на Црногорско народно позориште. Поплавска е македонска режисерка што на нашата публика ѝ донесе значајни претстави и долгогодишен соработник на МНТ, каде што ги постави мјузиклите „Чикаго“, „Мама миа“, „Архангелот над Скопје“ и многу други. Претставата „Лов на дива свиња“ е копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште Подгорица и Здружението за развивање уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје. Во претставата играат актери од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова-Славенска и Мина Јелушиќ-Јериниќ од Македонија, како и Ѓоргије Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.

Режисерката Поплавска која е претседател на „Арт медиа“, иницираше театрите на двете земји да потпишат Меморандум за соработка, а во јуни годинава директорите на двете театарски институции, Никола Кимовски на МНТ и Сандра Вујовиќ на Градско позориште Подгорица, по потпишувањето, решија веднаш да започнат со реализација на претставата „Лов на дива свиња“, што е првиот заеднички проект. Со тоа започнува културната размена што предвидува развој на современата театарска сцена во регионот, поинтензивна соработка и нови регионални иницијативи меѓу Македонија и Црна Гора.

 „Лов на дива свиња“ е современа драма и симбиоза на два авторски текста потпишани од Марија Сарап – „План Б“ и „Лов на дива свиња“. Претставата се занимава со интимна и силна исповед за жените, кои преживуваат семејно насилство и фемицид, нивната борба за себеидентификација и начините на кои се соочуваат во токсичните околности каде што се губат себеси. Делата на Сарап, општо земено, се карактеризираат со длабока психологизација на ликовите и истражување на социјалните и семејните теми, често фокусирајќи се на женските перспективи и нивните борби во патријархалните општества.

„Ова е приказна за демоните што ги ловиме цел живот во себе и се обидуваме да ги избркаме од себе за да бидеме подобри луѓе“, Вели Сарап. 

Режисерката Поплавска додава дека се работи за Женска тема со јасна порака, приказна за семејно насилство и семејни тајни, демони што се пренесуваат во фамилијата. Оваа претстава е женски крик на сите оние што доживеале дел од она што ние го поставивме на сцената. Претставата ја отвора темата фемицид и истовремено е апел до сите засегнати институции. Мисијата сме ја постигнале, доколку барем некој во публиката одлучи да каже: Доста е!, истакнува Поплавска и додава: „Со оваа претстава создадовме простор каде што актерите, без разлика на националноста и јазикот, заедно креираат искрена, силна и емотивна приказна. Радоста, енергијата и креативноста се чувствуваа на секоја проба и изведба.“

Претставата се игра двојазично – на македонски и на црногорски јазик, а сензибилитетот на актерите од двете земји ѝ носи дополнителна динамика и културна тежина.

Во претстојниот период, претставата ќе продолжи да се изведува на сцените на Македонскиот народен театар и Градското позориште Подгорица, со ангажман на две технички екипи, додека актерите ќе патуваат на релација Скопје – Подгорица. Соработката меѓу двете институции ја поттикнува долгорочната културна размена и заедничкото творештво на современи автори и уметници од регионот. Покрај изведбите што се планирани во Македонија и Црна Гора, „Лов на дива свиња“ е подготвена и за учество на регионални и меѓународни фестивали, каде што ќе продолжи да ја пренесува својата универзална порака. Проектот е одличен пример за значењето на уметничката соработка и создавање заедничка театарска сцена, која ги надминува границите и промовира важни општествени теми.

Фото: Емил Петров

Поврзани вести