
Вечерта на 16 декември 2025, од 19:00 часот, посетителите и пријателите на Македонскиот КИЦ во Софија ќе имаат можност да го проследат документарниот филм по повод 15 години „Македонска книжевна визита во Софија“, ќе биде претставен литературниот портрет на големиот македонски писател и издавач – Бранко Цветкоски, а основниот дел од литературната вечер ќе биде посветен на промоцијата на македонското издание на книгата „ВООБРАЗБИ – лирски етиди за некој друг свет“ од Бранко Цветкоски.
Презентери за творечките висини на македонскиот писател Бранко Цветковски ќе бидат: директорот на Македонскиот КИЦ во Софија – проф. д-р Зоран Пејковски, академикот од Бугарската академија на науките – Иван Гранитски и писателот, и поранешен директор на Бугарскиот КИЦ во Скопје – Димитар Христов.
Бранко Цветкоски (Слатино, Охридско, 21 јуни 1954) е македонски поет, литературен критичар, есеист, преведувач, публицист и издавач.
Завршил Филолошки факултет на универзитетот „Св. Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Работел како новинар во весникот „Нова Македонија”, бил главен уредник на Книгоиздателството „Култура“, секретар на Друштвото на писателите на Македонија, претседател на манифестацијата „Рацинови средби”, директор на Македонскиот народен театар, уредник и главен уредник на списанието „Стремеж“, еден од основачите на Балканската книжевна фондација „Балканика“, основач, директор и главен уредник на издавачката куќа „Макавеј“ и списанието „Книжевно житие“, уредник-продуцент во Македонската информативна агенција (МИА), член на уредувачкиот одбор на едицијата „Македонска книжевност во 135 тома“ и на едицијата „Превод на литературни дела што добиле Нобелова награда“, како и директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје. Живее во Скопје.
Цветкоски е член на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија, почесен член на Сојузот на бугарските писатели, член на Словенската литературна и уметничка акaдемија со седиште во Варна (Бугарија) и нејзин коoрдинатор за Република Македонија, член на Академијата на убавите уметности – Вевчани.
Учествувал на книжевни фестивали, книжевни средби и на собири на интелектуалци во: Бугарија, Турција, Грција, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Германија, Италија, Романија, Молдавија, Русија, Полска, Кина, Црна Гора, Словачка, Чешка, Азербејџан, Украина, Унгарија, Шведска итн.

Македонски






