Skip to main content

Латинскиот јазик треба да биде задолжителен во една година за сите ученици во гимназиите, сметаат од Инстутотот за класични студии

Фрипик

Наставниците од Институтот за класични студии при Филозофскиот факултет на УКИМ со внимание ја разгледаа последната верзија на Предлог-концепцијата за средно гимназиско образование и со свои забелешки се вклучија во јавната расправа во согласност со своето подрачје на експертиза и компетентност, како единствена високообразовна и научна институција од областа на класичните студии во нашата држава, којашто редовно и континуирано ги следи состојбите во средното образование не само во нашата земја, туку и во странство, им дава стручна поддршка на професорите што изведуваат настава по класични јазици (латински и старогрчки) и подготвува учебници и дидактички помагала за наставници и ученици и учествува во изработка на наставни програми по класични јазици.

Силно ја поздравуваме иницијативата за осовременување и промени како во наставниот план, така и во останатите аспекти на средното гимназиско образование. Но, бидејќи гимназиското образование по дефиниција треба да претставува соодветна подготовка на учениците за продолжување на образованието во високообразовните институции, збунувачки и несоодветно го сметаме деградирањето и недоволната застапеност на класичните јазици (латинскиот и старогрчкиот) со сведување на само едниот класичен јазик – латинскиот (старогрчкиот е сосема изоставен), на изборен предмет што се изучува само една година, и тоа во трета година. Повеќе студии, анкети и истражувања (спроведени во Обединетото кралство, Швајцарија, Германија и др.) користејќи мерливи параметри, потврдуваат дека изучувањето на класичните јазици (латинскиот и старогрчкиот), како и античката книжевност и цивилизација:

  • Претставува најдобар начин за подготовка за универзитетски студии;
  • Значително ја подобрува писменоста, изразувањето, вокабуларот, граматичките и воопшто јазичните компетенции на учениците;
  • Значително помага и го олеснува изучувањето на модерни странски јазици;
  • Ја афирмира свеста за заедничкото потекло и основи на европската култура и цивилзација, а со тоа и за заедничкиот европски идентитет, и
  • Влијае на зголемување на интересот на учениците за читање, посета на театар, уметност, историја и археологија.

  • Сметаме дека е дури излишно да потсетуваме дека изучувањето на старогрчкиот и латинскиот јазик е особено полезно и дури неопходно за учениците коишто ќе го продолжат своето образование на студиски програми како што се: медицина, фармација, стоматологија, биологија, биохемија, право, археологија, историја, филозофија, класични студии, француски или италијански јазик и книжевност, англиски јазик и книжевност, општа и компаративна книжевност и други, и тоа не само како најпродуктивно и незаменливо средство за составување на научната терминологија во сите видови научни дисциплини, туку и заради генетската поврзаност на класичните јазици со најголемиот број европски јазици и заедничкото потекло од праиндоевропскиот јазик и, од друга страна, заради големиот број латинизми и грцизми во вокабуларот на сите јазици, особено во македонскиот јазик. Спознавањето на правилното значење на латинизмите во македонскиот јазик, коишто се зборови на науката, но и зборови од секојдневниот живот, значително ја подобрува писменоста на учениците и го подобрува нивниот капацитет да се изразуваат, но и да читаат стручна литература. Истражувањата покажуваат дека учениците кои учат латински јазик полесно ги совладуваат другите наставни предмети и постигнуваат подобри севкупни резултати во учењето.
    Покрај тоа, изучувањето на класичните јазици докажано води кон развој на критичкото мислење и аналитички пристап во решавање на проблемите, a e сосема сообразно и со останатите клучни начела за обезбедување квалитетно образование: придонесува за структурирање на моралот и етичкиот развој на ученикот и за развој на културниот и националниот идентитет (со самите содржини и методи на изучување, преку стекнување компетенции за непосреден увид во пишани извори, богато културно наследство и сл.). Изучувањето на класичните јазици и на други хуманистички дисциплини поврзани со античкото наследство, европската култура и уметност развива компетенции кои можат да влијаат на унапредување на општествените процеси во насока на нивна хуманизација, што станува актуелно и суштествено во рамките на глобалниот напредок на цивилизацијата. Изучувањето на старогрчкиот и латинскиот јазик има капацитет да иницира развој на вештини за правилно, вистинито и убаво, т. е. комуникациски ефикасно мислење и говорење, но и други фундаментални вештини како што се: критичко мислење, социјална перцептивност, способност за координација, активно слушање, комплексно решавање проблеми и да придонесе во стекнувањето и на глобалните компетенции како што се: културна свесност, јазички компетенции и приспособливост во актуелните глобални цивилизациски трансформации.
    Латинскиот јазик, во комбинација со класичната култура е особено важен за проучување и разбирање на културното наследство, но и културата општо земено. Македонија има значајно културно наследство од хеленистичкиот период, во кое голем број епиграфски споменици се напишани на латински јазик. Не помалку важна е и рецепцијата на класичната култура во епохите што следеле по антиката и во денешната современа култура. Учењето латински јазик може значително да помогне во поттикнување на љубов и интерес за културното наследство со кое располага нашата држава и разбирање на нејзиниот мултикултурен характер.
    За жал застапеноста и статусот на предметот Латински јазик и класична култура во Предлог-Концепцијата – изборен во трета година со една година изучување е несоодветен на потенцијалот што тој го има позитивно да учествува во постигнување на целите, начелата и задачите на гимназиското образование.
    Сметаме дека е неопходно овој предмет да биде задолжителен во една година за сите ученици. Со тоа учениците и матурантите од нашите гимназии ќе бидат поблиску до своите врсници од европските земји и ќе им се овозможи посоодветна подготвеност за успешни студии на повеќе студиски програми.

Поврзани вести