
Збирката „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга објавена на македонски јазик меѓу две изданија на фестивалот Струшки вечери на поезијата.

Големото творечко љубопитство, најверојатно, е мотивот Јулијана Величковска во својата нова книга да се обиде да се изрази преку еден посебен, обично поредок книжевен облик – песни во проза и на тој начин уште еднаш да го актуелизира прашањето за граничните области и форми меѓу жанровите. Авторката, просто, како да не ги пишува своите лирски записи, туку како да ги сложува – како да ги компонира од вообичаени изрази, од потсетување на слушнати разговорни фрази, од наслушнување на прифатливо согласје на лексичките единици, внесувајќи разиграност на еуфониските својства и можности на консонантите и самогласките, извлекувајќи ги сите творбени својства на јазичниот материјал и доаѓајќи до автентичен творечки резултат со гласот на лирскиот субјект. Впрочем, тоа се најавува уште со необичниот наслов ‘Рајсфершлус’, во којшто, се разбира, ги насетуваме и семантичките значења и плетки, па дури и плодоносните еуфониски хармонизирања, а очигледно, поетесата најмногу игра на убавиот предизвик на возбудлива читателска провокација – оние со љубопитен дух да можат да се вслушаат во ехото на тоа што Величковска го загатнува, вели жирито во образложението.
Величковска наградата им ја посвети на сите жени чиј глас бил замолчан или стишан, како и на професорот и писател Драги Михајловски кој почина во 2022.

Наградата за мене е поттик да продолжам да работам подобро. Особено многу ми значи што бев меѓу овие петмина за мене прекрасни и драги колеги, поети. Тоа што мене многу ме радува на овој Фестивал е што гледам дека генерациите се доближуваат и се надминуваат разликите, не се доживуваме едни со други како конкуренција, туку како заедница и пријатели, вели Величковска.
Јулијана Величковска е писателка, уредничка, преведувачка и организаторка на поетски фестивали. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, соосновач и директорка е на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмска директорка на „Поетска ноќ во Велестово“. Членка е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Авторка е на стихозбирките: „Рајсфершлус“ (2024), „Отворена книга“ (2017) и „Комарци“ (2010), на романот „Годишни времиња“ (2014) на книгата за деца „Ведра“.
Разговаравме со Јулијана по врачувањето на ова високо литературно признание за наградите, преводите, фестивалите…
Годинава го добивте престижното признание, наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата. Како гледате на наградата? Дали е обврска на некој начин?
Оваа награда за мене претставува потврда за сработеното досега, но и поттик да продолжам понатаму, уште попосветено и подобро. Да се биде носител на највисокото поетско признание во земјата е обврска тоа да се облагороди. Ми претстојат неколку гостувања и преводи во странство и со својата работа ќе се трудам што подостоинствено да ја претставам македонската книжевност во светот, но и да трасирам пат за други наши автори.
Наградата им ја посветивте на сите жени чиј глас бил замолчан или стишан, и на професорот и писател Драги Михајловски кој почина во 2022. Може ли поезијата да го промени светот?
Сите книжевни родови, и епиката како најстар книжевен род, и лириката и првите драми биле стихувани. Ако ја исклучиме усната традиција за чијшто почеток немаме емпириски докази, најстарите записи датираат од седмиот век п. н. е. ‒ од епот за Гилгамеш па наваму, така што, ако поезијата имаше моќ да го промени светот, досега ќе ги уживавме резултатите. За жал, сметам дека поезијата е тука да го промени само светот во нас, нашето интимно поимање на реалноста, нашите врски самите со себе и со блиските, и нашите врски со сѐ друго во светот.
Во мојата книга „Рајсфершлус“ им давам глас на женските ликови од книжевноста (бајки, епски народни песни, митови и посовремена литература), чиишто приказни се раскажани во трето лице, а тие едвај имаат по некоја реплика, оставени на милоста и немилоста на нивните однапред предодредени судбини и толкувани според некогашните општествени системи и вредности. Во денешен контекст сметам дека на младите жени и на девојчињата треба да им испратиме малку поинакви пораки. Дозволувајќи им на овие ликови да ја раскажат и својата страна на приказната, сакам да фрлам сноп светлина на нивните силни карактери, па така, наместо наивната Црвенкапа, ја имаме зрелата и многу чувствителна и емпатична Црвенкапа, наместо Пепелашка што чека да биде спасена од бедата од страна на принцот, имаме Пепелашка што се сомнева во неговата интелигенција, наместо беспомошната и постојано расплакана сестра на Болен Дојчин, имаме Ангелина што самата се справува со заканата. Особено значајно ми е и што ѝ дадов глас на Енхедуана, првиот познат автор од книжевната историја, за која премалку се знае. Во моите песни говорам и од перспектива на жена и мајка во современото општество, жена што патува, што создава, што е храбра и ранлива едновремено, жена од крв и од месо, не само објект за обожување заради нејзината телесна убавина, туку личност со свои ставови и сомнежи.
Мојата посвета на наградата до професорот Михајловски е лична потреба да се заблагодарам за неговата поддршка кога ми беше најпотребна, и имам уште многу работа пред себе за да ја оправдам неговата доверба во мене како автор.

Штотуку заврши годинешното издание на најстариот поетски фестивал во светот ‒ „Струшките вечери на поезијата“. И самата сте соосновач и директорка на „Скопскиот поетски фестивал“ и програмска директорка на „Поетска ноќ во Велестово“. Сметате ли дека се доволно поддржани и помогнати поетските фестивали од државата?
Тука, проблемот е подлабок. Најпрво, нашите политички елити треба да се огледаат на европеизираните екс-ју републики (Хрватска и Словенија) и да одвојат поголем процент од БДП за културата воопшто. Бидејќи, можеби културата е и најважната алатка за негување на идентитетот. Поконкретно, во книжевноста, би требало да е возможно да имеме автори што ќе можат да живеат само од таа професија, без да се принудени да работат и други работи, затоа што тоа значајно влијае врз квалитетот на делата. Верувам дека така ќе имаме поголем успех и надвор од земјата.
Исто така, посакувам при аплицирањето на Годишниот конкурс на Министарството за култура или во општините да бидеме повикани на разговор, да имаме прилика да им ја презентираме програмата на членовите на комисиите, да им го појасниме буџетот што ни е потребен и зошто зависиме токму од нивната поддршка. Поетските фестивали имаат силно влијание врз заедницата – од доближувањето на поезијата до луѓето, поттикнувањето читачки навики (особено кај помладите), вистинското негување на македонскиот јазик и ширењето на македонската култура надвор од нашите граници преку разните соработки за книжевна размена.
Можеби, едно од решенијата е да се направи и извесна категоризација според квалитетот на чинителите во културата и тие да бидат финансирани соодветно.

И самата препејувате, но и Вашите дела се преведени на 20 јазици. Што значи за еден автор да му се преведуваат делата? Треба ли да постои некакво тело за континуирано претставување на македонските автори во странство?
Ми се чини дека Министерството за култура има доволно логистика да го формира таквиот оддел, или можеби подобро би било да се формира некое друго независно тело (агенција за книга и сл.) што би била извесно цивилно-јавно партнерство, и тоа тело да се грижи за афирмација на домашните автори во земјата, но и да нуди финансиска поддршка на странските книжевни фестивали и издавачи, да ги поврзува авторите со агенти, за нашите дела да се преведуваат на други јазици и да можат да гостуваат на што повеќе фестивали надвор од земјата.
Преводите на делата овозможуваат да допреме до нови читатели во различен културен контекст, тоа е и еден вид признание за делото, но и своевидно преродување на авторот во друг јазик, како и збратимување со делото на преведувачот.
Разговараше: Невена Поповска