
Во рамките на работилницата по конзервација и реставрација „Методи на чистење на уметнички дела на водена база (примена на водени пуфери и растворувачи на водена база) “, финансирана од ИКСССА 2025 на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“во Скопје, студентите кои го имаат одбрано предметот Заштита и реставрација на Катедрата за сликарство и трансмедиумски практики на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, под менторство на доц. м-р Марија Сотировска Богдановска и насловен доц. м-р Маријета Сидовски, работеа на стручна анализа, дијагностика и конзерваторско-реставраторски третмани врз две дела од Никола Мартиноски (сликата од циклусот „Девојчиња“ (масло на лесонит, 52 × 70 см, со рамка 60 × 80 см) и „Мртва природа – риби“ (масло на платно, 64,4 × 47 см, со рамка 81,4 × 64
см)), кои се во сопственост на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
Сликата „Девојчиња“ беше затекната со стара интервенција и локални оштетувања, залепен акрилен лак за стаклото, подглобочувања и пожолтен заштитен слој. По тестирањата, делото беше селективно исчистено со pH 7 + Tween и органски растворувач, боениот слој стабилизиран со BEVA 371, загубите на боениот слој пополнети со конзерваторски кит, а ретушот изведен миметички. Рамката беше исчистена, дезинфицирана и визуелно интегрирана со акварел и корективна позлата.
Сликата „Мртва природа – риби“ имаше наслаги од прашина и чад, вдлабнатини на платното и ситни оштетувања. Чистењето беше изведено со pH 7 TAC, без отстранување на оригиналниот стар лак. Задната страна беше стабилизирана со BEVA 371 филм и холитекс, а рамката беше исчистена, дезинфицирана и визуелно усогласена.
Работилницата претставува значаен придонес кон развивањето на професионалните компетенции на студентите, како идни конзерватори и реставратори, обезбедувајќи им практично искуство во реални услови, со автентични уметнички дела и со примена на современи методологии. Воедно, активностите ја нагласуваат потребата од создавање подобри услови и континуирана поддршка за систематска грижа, истражување и долгорочно зачувување на уметничките дела како дел од нашето културно наследство.

Македонски







