Skip to main content

Југословенско драмско позориште со „Лимениот барабан“ во режија на Васил Христов вечерва во МНТ го отвора јубилејното 50. издание на Млад отворен театар

Млад отворен театар

Со претставата „Лимениот барабан“ во режија на Васил Христов, а во изведба на Југословенско драмско позориште од Белград, на големата сцена на Македонскиот народен театар (МНТ), вечерва се отвора 50. издание на Млад отворен театар (МОТ).

Јубилејното издание започнува со претстава во која има доминантно македонска авторска екипа, која го постави антологиското дело на германскиот нобеловец Гинтер Грас, „Лимениот барабан“.

Југословенско драмско позориште низ овие 50 години, повеќе од десетина пати бил на репертоарот на МОТ, но привилегија е годинава што тројца наши автори го создаваат ова драмско парче и ќе ги гледаме на отворањето во „Лимениот барабан“, Никола Коџобашија, автор на музика, Костантин Трпеноски, автор на сценографија и Васил Христов – режија, кој како белградски студент на ФДУ, после 30 години се враќа на таа сцена со свое дело“ – вели Русе Арсов од тимот на МКЦ.

Врз основа на препознавање на творечкиот јазик, претставата ги спои овие домашни автори. „Лимениот барабан е моја прва соработка со Васил Христов и со Југословенско драмско позориште, и беше посебна од различни аспекти. Визуелниот израз на претставата е минималистички и знаковен, со елементи кои имаат јасна функција и смисловност. Токму во тоа беше и сценографскиот предизвик: во дисциплината на редукцијата, прецизноста на деталите и „невидливоста“ на механизмите, преку кои се одвиваат сценските трансформации“ – вели сценографот Трпеноски.

Инаку Трпеноски е македонски архитект и сценограф кој живее и работи во Виена и неговото присуство на драмската сцена е повод, утре на 20 ноември да ја погледнеме уметничката инсталација „Сценариум и имагинариум“ во холот на МКЦ.

Изложбата претставува пресек од петнаесет сценски дизајни, кои ќе бидат прикажани како дел од привремена уметничка инсталација и придружени со музички теми од претставите. Уметничката инсталација го преобликува постоечкиот простор, третирајќи го истиот како медиум, притоа нудејќи можност за лично доживување и интерпретација кај посетителот. Во изборот се и сценографиите за претставите „Чудна случка со кучето во ноќта“ (2023) и „Макбет“ (2019), двете наградени за најдобра сценографија на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп“. – дополнува Трпеноски.

Под мотото „Нашите во светот“ – МОТ годинава носи македонски авторски имиња кои кои ја прават интернационално видлива, нашата театарска мисла.

Поврзани вести