
Со рафинирана техника, експресивна интерпретација и силно сценско присуство, грчката пијанистка Теодосија Нтоку синоќа ја воодушеви публиката на „Охридско лето“ настапувајќи заедно со италијанскиот виртуоз на виолончело Масимо Полидори.
Концертот беше организиран во рамки на Грчката вечер на фестивалот што традиционално се одржува години наназад на фестивалската програма со поддршка од Амбасадата на Република Грција во Скопје.
-Фестивалот „Охридско лето“ е еден од најценетите и широко познати фестивали во Република Македонија и пошироко. Како амбасада, во текот на изминатите години со фестивалот заеднички работиме на организацијата на грчките вечери и ги носиме најдобрите уметници, рече грчката амбасадорка во земјава Софија Филипиду.
Публиката уживаше во изведбата на композиции од Сергеј Рахманинов, Антонин Дворжак, Едвард Елгар, Петар Илич-Чајковски, од Астор Пјацола и Габриел Форе.
Промовирана од страна на легендарната пијанистка Марта Аргерич, со која заеднички го издава албумот со дела од Бетовен за дискографската куќа „Ворнер класикс“, пијанистката Теодосија Нтоку плени со нејзиниот богат звук и интелигентно формирање на музичката мисла, а тоа го покажа и на вчерашниот концерт во црквата „Света Софија“. Критичарот на магазинот „Грамофон“ во критиката за нивниот албум ќе напише „јасно е зошто Аргерич ја привлекува музицирањето на Нтоку, тоа поседува слобода и не се плаши од ризици“.
Виолончелистот Полидори е роден во семејство на музичари и запoчнува да учи музика во родниот град Торино, каде и дебитира со оркестарот исполнувајќи ги Рококо варијациите од Чајковски со Камерниот оркестар на Софија. По дипломирањето со највисоки оценки во Италија, продолжува да се усовршува во Женева, во класата на Даниел Гросгурин, каде ја добива наградата Гран при за виртуозност исполнувајќи го Концертот за виолончело од Роберт Шуман. Тој е меѓународно признат водач на групата виолончела на оркестарот на „Ла Скала“ во Милано, позиција која ја добива на 30-годишна возраст откако тогашниот уметнички директор на оркестарот, Рикардо Мути, ги препознава неговите квалитети. Покрај тоа, Полидори е основач на триото „Јоханес“ и на Гудачкиот квартет на „Ла Скала“ заедно со концерт-мајсторот и истакнат виолинист Франческо Манара, ансамбли со кои постигнува светски успеси и настапува во „Карнеги Хол“, а со кои ги добива наградите „Осака“, наградата „Премио Трио“ во Трст и наградата на Асоцијацијата на музичките критичари на Аргентина.

Македонски


