Skip to main content

„Охридско лето“ продолжува со концертната сезона: Мариуш Патира и Радослав Курек на 17 ноември во Филхармонија

„Охридско лето“ продолжува со концертната сезона на 17 ноември со почеток во 20:00 часот во Камерна сала на Македонската филхармонија-Скопје.

На сцената – виртуозниот полски виолинист Мариуш Патира и истакнатиот пијанист Радослав Курек.

Вечер исполнета со врвна камерна музика и уметност од светски ранг.

„Охридско лето“ ја продолжува традицијата на организирање концертни настани и надвор од своите редовни фестивалски денови. По концертите реализирани минатата година, Националната установа и оваа година подготвува три музички средби со реномирани уметници од меѓународната сцена, со кои ја продолжува својата концертна дејност и ја одржува врската со публиката во текот на целата година.

„Со овие три концертни настани, „Охридско лето“ ја потврдува својата посветеност на континуирано негување и промовирање на врвната музичка уметност. Активностите надвор од летната фестивалска сезона се продолжение на нашата мисија – да ѝ овозможиме на публиката средби со значајни уметници и квалитетни музички содржини, а воедно да придонесеме Охрид да стане препознатливо место на меѓународната културна сцена и во текот на целата година. “, вели директорот на НУ „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.

Според Цуцковски, целта е ваквите концертни настани да продолжат и во иднина, прераснувајќи во традиција на „Охридско лето“.

„Иницијативата за организирање на вакви концертни настани започна минатата година, а со оглед на интересот, нашата намера е тие да прераснат во традиција. Концертите се бесплатни за посетителите, како израз на благодарност за поддршката и довербата на публиката, но и со цел врвната музика да биде достапна за пошироката јавност, додава Цуцковски.

Првиот концерт ќе се одржи на 17 ноември, во 20 часот, во Камерната сала на Македонската филхармонија, каде што ќе настапат виртуозниот полски виолинист Мариуш Патира и истакнатиот пијанист Радослав Курек.

Патира е добитник на главната награда на престижниот Меѓународен виолински натпревар „Николо Паганини“ во 2001 година, како прв полски виолинист кому му припаднало ова признание. Настапувал низ Европа, Јапонија, САД и Мексико, а во последните години освоил и значајни признанија на меѓународни натпревари.

Курек е истакнат пијанист и камерен музичар, добитник на наградата „Бриџит Дулан“ за најдобра изведба на дело од Моцарт на натпреварот во Даблин, како и на главната награда на Меѓународниот натпревар „Јоханес Брамс“ во Австрија. Настапувал на концертни сцени во Европа, Америка, Азија и Африка.

Вториот концерт ќе се одржи на 4 декември, во 19 часот, во Музејот на македонската борба за самостојност, со настап на извонредната корејско-американска сопранистка Јуна Ли и пијанистот Кенет Клецјен.

Јуна Ли е меѓународно призната оперска уметница, особено позната по улогата на Чо-Чо-Сан во „Мадам Батерфлај“ од Пучини, која ја има изведено речиси 200 пати. Се образувала на Џулијардската школа во Њујорк, а настапувала со реномирани оперски куќи, меѓу кои Метрополитен операта и Вашингтонската национална опера. Нејзин сопруг и музички партнер е пијанистот Кенет Клецјен, кој студирал на Конзерваториумот при Колеџот Оберлин и Џулијардската школа.

Концертната година „Охридско лето“ ќе ја заокружи на 7 декември со предновогодишен концерт во Охрид, подготвен како музички подарок за градот и неговата публика. На сцената ќе настапат бугарската сопранистка Илина Михајлова и италијанскиот пијанист и композитор Франческо Барбагелата.

Михајлова е солистка на Државната опера во Варна и Државната опера во Бургас, а настапувала на оперски сцени во Италија, Шпанија, Австрија, Германија, САД и Јапонија. Посебно значајна е нејзината соработка со светски познатиот тенор Хозе Карерас, со кого настапувала на прошталните концерти во Софија и Атина.

Барбагелата е професор по пијано-придружба на Конзерваториумот „Р. Франчи“ во Сиена и музички соработник на Фестивалот „Пучини“ во Торе дел Лаго. Соработувал со бројни реномирани диригенти и оперски уметници, меѓу кои и со Андреа Бочели, а се занимава и со компонирање и оркестарски аранжмани.

Поврзани вести