
Oтворањето на изложбата на слики и цртежи од ликовната уметница Весна Ничевска насловена „Жена инспирација“ ќе се случи на 23 септември во почеток во 20 часот во Културно-информативен центар (КИЦ) – Скопје, Изложбен салон Империјал 1.
„Историски гледано, жената е можеби најинспиративната тема уште од предисториската уметност па се до модерната, лично јас како жена се изразувам интроспективно преку сликањето на женскиот акт и лице, се само сознавам, барам и одново се градам во метафорите на изразите и позите на женската енергија, сензуалност и убавина. Користам различни материјали и експресивни потези, го допирам реализмот но не навлегувам сосема во него, бидејќи сакам експресијата на единствениот момент на создавање да се почувствува во потезите и изразните сретства. Дали е тага, сила, гнев, магија, сексуалност или барање на мир, женскиот акт и портрет ми дава неисцрпна инспирација. Многу често се ставам во улога на глумица во моите цртежи, како телото и лицето на луѓето во театарот и филмот кое им е алатка за создавање , мене алатка ми е рефлексијата на моето јас низ моите цртежи. Жената е прапочеток, движечка енергија во овој свет, мајка на се што постои, нејзината нежност е безвременска, но и нејзиниот гнев е разорувачки. Моќна, а кршлива, дуалитет кој јас како жена најдобро го знам и затоа таа тема ја чувствувам како најблиска“, раскажува Ничевска.
Како што додава таа, материјалите се различни и секој носи свој печат, од туш, преку акварел до акрил и масло, но заедничко секогаш е темата жена.
„Тема која е како бура, разорува и си оди и секогаш се враќа, а јас само ја апсорбирам и ја пренесувам на хартијата и платното. Оваа изложба е само мало парче од целата женствена енергија во светот, само отсјај на најголемата движечка сила во нашиот универзум –жената!“, истакнува уметницата.
Весна Ничевска е родена на 24 август 1977 година во Скопје, Македонија. Завршила средно уметничко училиште во Скопје на отсек сликарство во 1996 година и дипломирала на ликовната академија во Скопје во 2001 година во класата 1996/2001 кај професорот Родољуб Анастасов. Работи во различни техники и со различни материјали, четка и туш, пенкалца, јаглен, сепија, лавир, акварел, акрилик и масло, на хартија, на панели, на платна и дрвени даски.
Учествувала на повеќе сликарски колонии, стрип-фестивали и групни изложби, имала една самостојна изложба во „Кафе Ли“, една заедничка изложба во „Олд скул бар“ со Дарко Богданов. Во 2019 година изложувала на групната изложба „Урбани Пагани“ во Младински Културен Центар. Летото 2020 година ја отвара својата втора самостојна изложба исто така во МКЦ, на тема еротика, со наслов „Ерос и Танатос“. Изложува, а исто така и е организатор на две групни изложби на тема акт во „Бифе Тафталиџе“ во 2022 година, и една во „Олд скул бар“ во 2024 година. Учествувала исто така во 2025 година на групна изложба по повод роденденот на нејзиниот ментор, познатиот сликар Родољуб Анастасов. Објавувала во повеќе е-списанија за уметност и во повеќе списанија за стрип. Неколку години соработува со винаријата „Ерос“ од Кавадарци како дизајнер на етикети, природна симбиоза на нејзината уметност и уметноста на виното. Илустрирала повеќе детски списанија и книга за деца и нејзините стрипови се објавувани во повеќе стрип-изданија.
Изложбата ќе биде отворена до 4 октомври.