Skip to main content

Иван Штрпка – почесен член на Друштвото на писателите на Македонија

Александар Менкиоски / Pретседателот на ДПМ, Живко Грозданоски и Иван Штрпка, овогодишен лауреат на златниот венец на СВП

Вчера напладне, во предворјето на манастирот Св. Наум Охридски пред самиот почеток на поетското читање на интернацнионалните поети гости на Струшките вечери на поезијата, на Иван Штрпка, овогодишен лауреат на златниот венец на СВП, му беше врачена плакета со почесно членство во Друштвото на писателите на Македонија.

При врачувањето на признанието, претседателот на ДПМ, Живко Грозданоски, изјави дека на македонските писатели им е особено драго што оваа година за првпат словачки поет е лауреат на Струшките вечери на поезијата, а со тоа и почесен член на Друштвото. Претседателот на ДПМ му посака на лауреатот долги години добро здравје и плодна работа и соработки. Поетот Иван Штрпка, од своја страна, по примањето на плакетата изјави дека ова признание „е и една отворена порта плус, уште повеќе во иднина да се разменуваат поетските енергии меѓу поетите од Словачка и Македонија, бидејќи и на двете страни врските ни се многу важни. Бидејќи сме на истиот брод и пловиме на една палуба заедно.“

Друштвото на писателите на Македонија во изминатите дваесетина години од своето работење веќе имаше воспоставено два поблиски контакти со поети од Словачка: Франтишек Липка и Мирослав Биелик, на кои во 2006 и 2020 година беа лауреати на наградата „Книжевен Жезол“, која ДПМ ја доделува во рамки на манифестацијата „Празник на липите“.

Поврзани вести