
Словачкиот поет Иван Штрпка е лауреат на наградата „Златен венец“, додека полскиот поет Матеуш Шимчик е лауреат на наградата „Мостови на Струга“ на Струшките вечери на поезијата за 2025 година.
Иван Штрпка е словачки поет, роден во Хлоховец во Република Словачка. Две години работел како истражувач во областа на геодезијата. Завршил студии по шпански со словачки јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Комениус“ во Братислава. Во шеесеттите години на минатиот век заедно со поетoт Петер Репка ја основа индивидуалистичката поетска група Осамени тркачи.

Академикот Катица Ќулавкова на денешната манифестација по повод прогласување на лауреатите, говорејќи за Иван Штрпка, посочи дека неговото пеење е непретенцизно, суптилно, неговите поетски описи и секвенци се полни подробности, секоја песна е мала кутија со подвижни слики, сегментарна, филмска епизода и блага ментална досетка.
Оние кои знаат како се практикува медитација од типот на ‘антер мона’, ќе ја насетат атмосферата на опуштеност и нелепење на субјектот за само една слика, едно чувство. Лирскиот субјект кај Штрпка е подготвен за лизгање, веслање или – како што денес често се вели во колоквијалниот идиом – за скролање од еден до друг стих, од една до друга ментална и јазична слика. Во песните од тој тип преовладува сетилната перцепција обележана со нежност, со нијанси, а не со ригидни, контрастни и контрадикторни сцени, резови, облици и бои. Некогаш дури и песните на Штрпка се меѓусебно во корелација, било да се дел од некој циклус или независни. Ако сака да сопостави две различни глетки и сцени од стварноста, Штрпка пишува две песни, во едната го евоцира едниот, а во другата спротивниот вид настроение, менталитет, поглед на свет, стил на живеење, вели Ќулавкова.
Меѓу универзалните теми што ги опева Иван Штрпка, според Ќулавкова, спаѓа и утопијата.
Неговата песна „Новиот попладневен говор на Рафаел Хитлодај“ (2018) е посветена, се разбира, на сер Томас Мор, авторот на Утопија, култната социо-политичка сатира напишана на латински јазик и објавена 1516 година. Хитлодај (Raphael Hythloday), како што е познато, е фиктивен лик на филозоф, патник и библиофил, кој патува од малото измислено острово Утопија кон Европа. Утопија е ‘место кое не постои“, како што не постои совршена држава, ни совршено општество, што пак не значи дека ние не треба да копнееме по истото. Утопијата е постои во човечката имагинација и копнеж. Како таква, утопијата станала парабола на идеалите на луѓето и народите. Идеалите, пак, се први на удар на реалполитиката. Историјата покажува дека политичките и верските идеали лесно се злоупотребуваат, додаде Ќулавкова.
Како што посочи, Штрпка дебитирал со збирката Краткото детство на копјаниците (1969), потоа кратко време се повлекува од јавната сцена за да се врати повторно 1981 година, со збирката Сега и други острови (1981).
Следат збирките Пред промената (1982), Вести од јаболкото (1985), Сè е во школката (1989), Мајсторот Му и женските гласови (1997), Гласови и други песни (2001), Каде плаштот, таму ветрот (2018) и други од поново време. Штрпка е познат и со песните напишани за музиката на Дежо Урсини, а објавени во книгата на Штрпка со наслов Сина планина (1988), додаде Ќулавкова.
Поетот Иван Штрпка во своето поздравно писмо, кое беше прочитано денеска, напомена дека за него е голема чест и признание да ја прими наградата во Македонија, на еден од најзначајните меѓународни фестивали на современиот свет на поезијата без граници, во Струга.
Неприкосновена е мрежата на песната што создава значења, која протекува како отворен процес на јазикот директно во нашата отворена мисла и пред нашите зачудени очи. И детето знае дека песната живее преку зборовите и низ зборовите. Зборовите се неопходни. Ама поезијата ги надминува своите зборови. И прераснува во сопствено значење. Тивко признавам дека потајум секогаш одново се обидувам да станам, барем за миг, поет. Се движам, се трудам. Но кој е тоа всушност, помеѓу нас, токму денес? И што значи тоа? Да се читаме, да се пишуваме, да се истражуваме подлабоко! Нашиот отворен, однапред недовршен повеќеслоен јазик може да биде овде индивидуален, а притоа единствено заеднички. Можеме притоа попрецизно и подлабоко да се разбереме. Тоа е првичниот јазик што се создава во нас и со нас од почетокот, вели Штрпка во поздравното писмо.
Според Штрпка, тоа е важно токму денес, среде несигурниот свет во кој вредностите на нашата перцепција и нивните визии се мошне небезбедно разнишани.
Внатрешниот глас и неговиот внатрешен човек во песната истрајуваат на своето. Тоа е акција, трка, подвижен контекст, насочување кон човечноста. Притоа секој во својата доверлива еднина ја носи и нашата множина. А тука со нас е и здивот на почетниците. Во дружината на нашето прво поетско поврзување, кое заедно со Иван Лаучик и со Петер Репка, кај нас во Словачка го нарековме Осамени тркачи, е тоа сè уште важечко. Секој сам за себе, со сопствени сили, со сопствени чекори, ама притоа заедно со нас продолжува неразделивата поента. Одиме натаму!, се вели во поздравното писмо.
Лауреатот на „Мостови на Струга“, Матеуш Шимчик роден е 1989 година во Вроцлав во Полска, каде што моментално живее. Студирал етнологија и културна антропологија, но истовремено имал и двегодишна авантура со технолошките науки. Повеќе од една деценија е вклучен во рецензирање ракописи на англиски јазик за неколку полски издавачки куќи.
Во 2022 година ја освојува главната награда на поетскиот конкурс „Јацек Бјережин“, а на списокот на своите литературни победи во 2024 година го додадава триумфот на престижниот натпревар „Кажимјера Илаковичувна“. Oбјавен е во неколку полски книжевни списанија, a “Потребни извори“ е неговата дебитантска поетска збирка. Омилена активност му е возењето велосипед.
Како што појасни денеска претседателката на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, Елизабет Барануаи Кукунешоска, читајќи го првенчето на Шимчик, збирката „Потребни се извори“ се добива впечаток дека таа не е родена од чиста желба да се напише книга, туку од длабоката потреба да се постават конкретни прашања чии одговори вреди да се зачуваат во стиховите.
Преку нив од индивидуалното искуство може да се извлечат инспирации, потребни извори, со чија помош индивидуата ќе се извлече на површината. Силните страни на оваа збирка се: подготвеноста да се тестираат многу перспективи и аверзијата кон лесни и брзи одговори, додава Кукунешоска.
Таа вели дека поезијата на Матеуш Шимчик вклучува повторени зборови-коментари, затворени загради кои го зголемуваат вниманието и се еден вид сигнал за рефлексија или прекин на читањето.
Недостасуваат наслови со што на читателот му се дава простор да додаде и да ја именува песната според она што најсилно одекнува во неговото индивидуално читање. Шимчик се погрижува ова читање да биде интензивно искуство. И по формата што им ја дава на песните и по мотивите што ги допира, а меѓу кои се воочената макотрпност на секојдневието, заморот на телото, неразговараната минливост, борбата против напнатоста на натрупаните мисли и сл. Во „Потребни извори“ се среќаваме со ритмички фрази, хаику, смешни рими, вербални скокови, повторувања кои понекогаш ни паѓаат на памет лелек или играње со ехо. Не недостигаат и подолги форми – како што се извадоци од дневници или белешки – набљудувања од секојдневниот живот, кои силно укажуваат на потребата да се најдат изворите, вели Кукунешоска.
Манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“ се одржува секоја година во месец август во Струга. На поетскиот фестивал се доделува најголемото признание за целокупна поетска дејност, наградата „Златен венец“ со која до сега се закитија некои од најзначајните светски поети, како и наградата „Мостови на Струга“, која се доделува за најдобра поетска збирка меѓу два фестивала на Струшките вечери на поезијата од поет-дебитант.
Наградата „Мостови на Струга“ беше востановена во 2003 година, како дел од соработката со УНЕСКО, а по повод прославата на Светскиот ден на поезијата – 21 март, со цел да се стимулира, промовира и афирмира поетското творештво како еден од најзначајните креативни изрази на човештвото.