Skip to main content

„Или-Или“ организира книжевна вечер со Капка Касабова во „Буква“

На 20 август (среда) од 20:00 во кафе-книжарницата Буква ќе се одржи „Книжевна средба со Капка Касабова“ во организација на Или-Или, нејзиниот издавач на македонските изданија.

Низ разговор со авторката, творештвото на Касабова, со фокус на двете книги преведени на македонски, „Кон езерото“ и „Граница“, ќе го претстават Ана Витанова Рингачева и Александар Маџаровски, а за преведувачките предизвици на нејзините дела ќе зборува Бранислав Мирчевски.

Оваа вечер ќе биде ретка можност за нашите читатели да се запознаат со бугарско-британската авторка чии книги се преведени на многу јазици и за кои Касабова е добитничка на бројни награди и признанија.

„Граница“ е документарно-поетски патопис низ балканскиот граничен појас меѓу Бугарија, Турција и Грција – простор обременет со историја, миграции и скриени приказни. Касабова се нурнува во митологијата, политиката и судбините на луѓето кои живеат во овие гранични зони, откривајќи еден свет кој е истовремено суров и магичен.

„Кон езерото“ продолжува во сличен дух, но се фокусира на Охридското Езеро и Преспанското Езеро – региони каде што се испреплетуваат природата, меморијата и историјата. Книгата е интимно патување на авторката низ земјите и луѓето околу езерата, вклучувајќи и нејзино лично семејно минато.

Со книгите „Еликсир“ и „Анима“ Капка Касабова ја заокружи т.н. Балканска тетралогија. Издавачот „Или-Или“ и овие две книги ќе ги објави на македонски јазик.

Капка Касабова е родена во Софија, израсната во Нов Зеланд, а живее во Шкотска. Пишува на англиски јазик и нејзините дела се преведени на повеќе од 20 јазици. Позната е по уникатниот стил кој ги спојува патописот, мемоарот, историјата и поезијата. Добитничка е на бројни меѓународни награди, меѓу кои и Nicolas Bouvier Prize, British Academy Book Prize for Global Cultural Understanding, Highland Book Prize, Saltire Society Scottish Book of the Year, Edward Stanford Dolman Travel Book of the Year.

Поврзани вести