Skip to main content

Хедли фонд за културно наследство отворен за македонски институции од културата

Хедли фонд за културно наследство

Хедли фонд за културно наследство во Југоисточна Европа објави повик за непрофитни организации и јавни институции музеи, библиотеки, архиви и галерии, за поддршка на проекти насочени кон зачувување, промоција и одржливо користење на културното наследство.

Покрај македонските, право на аплицирање имаат организации и институции од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Романија, Србија и Словенија, изјави за МИА, д-р Ирена Ружин, вработена во НУ Завод и Музеј-Битола.

Хедли фондот за културно наследство во Југоисточна Европа е посветен на зајакнување на организациите кои работат во областа на културното наследство. Целта е да се обезбеди наследството да остане жив и динамичен дел од заедниците, поттикнувајќи иновации, одржливост и регионална соработка. Во таа смисла, Фондот поддржува регионална соработка, ангажирање на заедницата и одржливо управување со културното наследство, поврзувајќи ги традиционалните знаења и вештини со современите технологии. Финансирањето е наменето за проекти што нудат иновативни пристапи за заштита на наследството и активно ги вклучуваат локалните заедници. Особено се ценат проекти што поттикнуваат регионална соработка и долгорочни подобрувања во секторот на културното наследство, истакна Ружин.

Фондот поддржува мали проекти до 5.000 евра и поголеми иницијативи до 10.000 евра. Вкупниот буџет за овој повик изнесува 66.000 евра, а сите избрани проекти треба да започнат со реализација во 2025 година. Рокот за аплицирање е 9 мај 2025 година.

Поврзани вести