
Германската авторка Хелене Буковски денеска во Европската куќа во Скопје ќе одржи промоција на дистопискиот роман „Млечни заби“, кој е во издание на Издавачката куќа „Три“ (2024). Промоторка на романот ќе биде новинарката и научна истражувачка Ана Јовковска, додека преведувачка ќе биде проф. д-р Зорица Николовска.
„Млечни заби“ е дистописки роман за преживувањето во еден нов свет, разорен од климатските промени. Во постапокалиптичното секојдневје, небото не се гледа од маглата, или пак од усвитеното сонце. Романот, кој може да се чита и како мрачна бајка, ги обработува темите на недовербата во „другиот“, односот мајка–ќерка, растењето и начините на кои околината ги обликува младите.
Во постапокалиптичниот свет на Буковски никогаш не се знае какви опасности демнат зад живата ограда од капини. Изолираната заедница во која расте Скалде, носечката книжевна хероина, е крајно недоверлива, особено за преживеаните кои успеваат да стигнат до населениот остров. Како да се живее ако секој преживеан е закана?, се вели во описот на книгата.
Хелене Буковски (1993) е современа германска писателка и преведувачка. Студирала на Универзитетот во Хилдесхајм на отсекот за креативно пишување и новинарство од областа на културата. Застапувана е многупати во антологии и списанија. „Млечни заби“, објавен во 2019 година, е нејзин прв роман. Номиниран е за неколку литературни награди – „Мара Касенс“, „Рауриз“, „Рајнштајнер“. Романот е преведен на англиски и на француски јазик.
Преводот на Хелене Буковски на романот „Боровите Острови“ од авторката Марион Пошман влезе во потесниот избор за меѓународната награда „Мен Букер“ во 2019 година. Во 2022 година Буковски го објави својот втор роман, „Војничка“. Но сепак, нејзиниот прв роман „Млечни заби“ допрва го добива вистинското внимание. Многу од познатите светски книжевни весници и списанија, како „Паблишерс викли“ или „Киркус ривјус“, пишуваат со восхит за овој дистописки роман што влијае освестувачки врз свеста на читателите обработувајќи ги најгорливите прашања на современата цивилизација.