
Во уметничката галерија „Амам“во Гевгелија вечер ќе биде отворена изложбата „Визии-глава полна со луѓе“ на доајенот на македонското сликарство, Родољуб Анастасов. На изложбата ќе бидат претставени дваесетина портрети од серијата цртежи изработени во техника молив. Куратор на изложбата е Јасминка Намичева, автор на неформалната мрежа на музеи „Музеум Линк“.
-Серијата цртежи се пресврт во неговото уметничко творештво. Цртежите се работени меѓу 2016 и 2022 година, во техника молив и молив во боја на хартија, во мали формати. Тие ни претставуваат еден сосема поинаков Анастасов, каков што не би ни очекувале со оглед на неговата повеќе децениска потполна посветеност на нему омилениот циклус Човек и простор со кого стекна меѓунароен углед. Во оваа серија цртежи со мноштво портрети, ликови во еден цртеж, станува збор за портретирање луѓе според записите на нивните ликови во меморијата на уметникот. Тоа е рационално осмислен уметнички проект, иако е произлезен од драматични настани и состојби во животот на уметникот што се случиле во 2008 година, се наведува во соопштението од организаторите.
Гостувањето на изложбата во Гевгелија е соработка помеѓу НУ Музеј- Гевгелија, Здружението „Архифакт“ и неформалната мрежа на музеи „Музеум Линк“ од Скопје и е дел од манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.