
Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ги чествува јубилеите 75 години од раѓањето и 50 години од објавувањето на првата книга на еден од најзначајните македонски канонски автори на XX и XXI век – поетот, антологичар, есеист, критичар и книжевен истражувач и преведувач Раде Силјан. Централниот настан по повод двата јубилеја, насловен по песна на Силјан, „Огледало на вековите“, а во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура ќе се одржи утре, 16 декември 2025 година, со почеток во 11:30 часот, во Библиотеката за македонска книжевност и култура на Факултетот.
Настанот ќе го отворат деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, проф. д-р Владимир Мартиновски и раководителот на Катедрата за македонска книжевност и култура, проф. д-р Трајче Стамески. Обраќања ќе имаат и проф. д-р Кристина Николовска, проф. д-р Венко Андоновски и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Во рамките на настанот, студени од Катедрата за македонска книжевност за култура ќе водат и книжевен разговор со Силјан, а предвидени се и поетски рецитал. музичка програма и проекција на архивски материјали и ексклузивни видео материјали.
Раде Силјан е водечко име на современата македонска поезија, автор на 23 стихозбирки. Добитник е на највисоките признанија за поезија во Македонија: наградите „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија. Носител е на Државната награда „11 Октомври“ и на државната награда „Свети Климент Охридски” за животно дело од областа на културата.
Дваесет и шест негови книги се објавени и преведени на повеќе странски јазици. Застапен е во сите антологии на современата македонска поезија. Основач е на првата издавачка куќа формирана во самостојна Македонија, „Матица македонска“.
Влогот на Силјан за македонската книжевност е огромен и преку книжевните истражувања и критиката, како еден од најтемелитите и најпосветени македонски книжевни истражувачи и критичари. Како една од централните фигури на современата македонска култура, Силјан има остварено исклучително значајни дострели за неа и како некогашен прв човек на книгоиздавателството „Македонска книга“ и како уредник на Третата програма на Радио Скопје.
По повод 75 години од раѓањето и половина век од објавувањето на првата поетска книга на Раде Силјан, претходно, издавачот „Дијалог“ објави избор од неговата поезија „Лажно време“ и книга со избор од критиките за неговото поетско творештво. Јубилеите на Силјан се чествуваа и во Србија, со објавување избор од неговата поезија во препев на српски јазик остварен од академик Ристо Василевски, во издание на издавачката куќа „Арка“. Пред неполн месец, јубилеите се чествуваа и во Хрватска, со голема манифестација во централната библиотека во Загреб.

Македонски






