Skip to main content

Драмски театар Скопје со премиера на копродукциската претстава „Плејбои…“ на 39. фестивал „Град театар“ Будва

Драмски театар

Синоќа, на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ во Будва, Црна Гора, се играше премиера на претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградското драмско позориште, Местното гледалишче Љубљана и продукцијата на „Град театар“ Будва.

Во копродокциската претставата играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.

На чело на уметничкиот тим на претставата е Иван Пеновиќ, млад хрватски драматург, драмски писател и режисер, кој со својот интегрален и ангажиран пристап веќе се вбројува меѓу највозбудливите автори во регионот. Пеновиќ е директор на Драмата во ХНК Сплит.

Плакат од претставата

Покрај Иван Пеновиќ, авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан (превод), Лазе Трипков (сценографија), Александар Ношпал (костимографија), Владимир Пејковиќ (композиција) и Дамир Клемениќ (сценско движење).

Предизвикот да се создаде копродукциската претстава на четирите уметнички куќи е одбележувањето на пет години од смртта на авторот Душан Јовановиќ, кој остави силен печат во театарскиот израз во регионот.

Фото: Драмски театар

Во програмската белешка за претставата е истакнато дека: „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте. „Плејбоите…“ се напишани во 1972 година, а првпат се изведени во Местното гледалишче Љубљана една година подоцна. Напишани се во периодот на исклучително бурни меѓународни и регионални историски движења, во духот на „Сексуалната револуција“ и „Пролетта од 1968 година“, како и под влијание на околностите во тогашна Југославија на кои реагираа уметниците од најмладата генерација. Во нивните дела е присутен таканаречениот „лудизам“ – специфичен одговор на „тешките теми“ што ги отвори повоената генерација млади луѓе. Лудизмот се карактеризира со целосно отсуство на каква било потрага по смисла, одговори или решенија за егзистенцијалните тешкотии; тој повеќе ги прифаќа работите такви какви што се и, наместо да бара излез во дадените околности, дозволува настаните да се одвиваат низ „опуштена игра“. Сето ова важи и за „Плејбоите…“. Тоа е вителот на живата еротика, младост и незаузданата, вечно незаситна страст. Сепак, меѓу редови се насетува и една празнина, суета и егоизам на општеството што постојано трча по уживање. Денес, половина век по ‘68, суетата и бесцелноста остануваат актуелни, а им се придружуваат и трката по материјалниот статус, но и егзистенцијалниот страв.“

Претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ на годинешниот 39. фестивал „Град театар“ Будва ќе биде изведена и вечерва и утре, на 12 и 13 август со почеток во 21 часот на летната сцена во комплексот „Словенска плажа“.

Непосредно по премиерата и двете изведби во Будва, македонската публика ја има можноста копродукциската претставата да ја гледа во недела на 17 август во драмската програма на фестивалот Охридско лето. Претставата ќе се игра во 21 часот на сцената на „Долни Сарај“.

Поврзани вести