Драмски театар Скопје ја воведува наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски млад автор до 30 години, соопшти денеска на прес-конфренција директорот Роберт Вељановски.
Наградата ќе се избира по пат на Конкурс во кој е опишана формата и содржината на пријавата за конкурирање, како и начинот на спроведување на постапката за избор. Конкурсот ќе биде јавно објавуван секоја година преку медиумите и на веб страната на Драмски театар Скопје.
Рокот за поднесување на пријава и останатата потребна документација е 15 дена од денот на објавувањето на Конкурсот.
Конкурсот за оваа година е отворен од утре, 6 февруари и ќе трае до 20 февруари.
Решивме во чест на Горан, од оваа година да востановиме наградата со којашто ќе го стимулираме драмското творештво на младите автори со цел и идеја да ни се роди нов Горан, да ни се родат нови претстави кои ќе живеат на сцената на Драмскиот театар, претстави кои ќе го отсликуваат времето во кое живееме, изјави денеска Вељановски.
Вељановски соопшти дека иницијативата за наградата е на претходната управа на театарот и со цел да се стимулира драмското творештво кај младите. Според него, се што е добро треба да продолжи и да се надградува.
Од 1974 година кога се постави праизведбата на „Јане Задрогаз“ во режија на Слободан Унковски до праизведбата на „Огнени јазици“ исто така во режија на Слободан Унковски“ во 2013 година, на сцената на Драмски театар се поставени импресивна бројка од 15 негови премиери, а осум од нив се праизведби.
Вељановски соопшти дека на денот на објавувањето на добитникот на наградата „Горан Стефановски“ во мај ќе биде промовирана и книгата „Горан во Драмски“ од Александра Бошковска, издадена од ДТС во 2020, која досега не е промовирана зашто е објавена во време на корона-кризата. Во книгата се содржани податоци за 14 претстави на Горан Стефановски поставени на сцената на Драмскиот театар.
Право на учество на Конкурсот за избор за најдобар драмски текст од македонски млад автор на возраст до триесет години имаат автори кои се македонски државјани и се на возраст до 30 (триесет) години, сметано до денот на завршување на пријавувањето.
Конкурсот има за цел да ја афирмира современата македонска драма, да го поттикне македонското драмско творештво и да го одржи континуитетот на македонското драмско писмо. Пријавениот драмски текст треба да биде неизведуван и да биде оригинално авторско дело, а не драматизација или адаптација на романи, новели или мотиви на постојни драмски дела.
Добитникот на наградата ќе потпише авторски договор со Драмски и театарот се обрзува да го постави наградениот драмски текст во предлог-програмата на театарот и да го продуцира со изведба на малата сцена или на сцената „Ристо Стефановски“ во театарот во рок од две години сметано од денот на завршување на Конкурсот. Добитникот ќе добие еднократна парична награда во висина од 60.000,00 денари.
Идејното решение за Конкурсот е направено од Дарија Пројковска и Бранко Прља од порталот Арно Мк со помош на вештачка интелигенција со идеја да се мотивираат што повеќе луѓе да ги користат АИ моделите во други креативни проекти.