Skip to main content

Диптихот „Федра – Антроологија на една желба“ во режија на Дино Мустафиќ премиерно во Драмски театар Скопје на 19 септември

Драмски театар Скопје на 19 септември, со почеток во 20 часот, премиерно ќе го изведе диптихот „Федра – Антропологија на една желба“, во режија на Дино Мустафиќ, театарски проект што во една вечер ги соочува „Федра“ на Жан Расин и „Љубовта на Федра“ на Сара Кејн. Првенката на Драмски театар, актерката Јелена Жугиќ ја толкува Федра во двете претстави од диптихот.

На прес-конференцијата по повод премиерата, режисерот, актерската и креативната екипа го претставија процесот во кој двете дела не се поставени како едноставна спротивставеност меѓу класиката и современоста. Мустафиќ ги чита како разговор и судир на две времиња: Расиновиот свет на ред, закони, чест и вина и светот на Сара Кејн, во кој тие цивилизациски конструкции веќе се распаѓаат, оставајќи ги телото, осаменоста и потребата да се биде покрај друг.

„Што останува од човекот кога желбата ќе стане посилна од него самиот?“ е прашањето од кое Мустафиќ тргнува во своето читање на Федра.

Екипата на „Федра“ на денешната прес-конференција / Фото: Драмски театар

Во центарот на целиот диптих е првенката на Драмски театар Скопје, Јелена Жугиќ, која ја толкува Федра и кај Расин и кај Кејн, градејќи две радикално различни сценски лица на една иста жена.

Крајно возбудливо беше да се работи еден ист лик во два комплетно различни текста со две различни идеи, кои се преклопуваат само во една точка: во општество кое се плаши од емоција, ликот на Федра станува субверзивен и политички некоректен. Федра има право на живот. Има право на желба. Има право на љубов, изјави Жугиќ на денешната прес-конференција.


За Жугиќ, Федра повеќе не е митска фигура, туку современа жена, истовремено грешник и жртва. Кај Расин нејзината љубов е затворена во систем на вина, чест и самопрезир; кај Кејн таа стигнува до фиксација, телесност и брутално уништување. Она што ги спојува двете интерпретации, според Жугиќ, е судирот меѓу интимната потреба и општеството кое не знае што да прави со неа.

фото: Драмски театар

Во двата текста самоубиството на Федра е нејзиниот последен обид да ја преземе контролата врз сопствениот наратив. Смртта станува чин на отворено противење поради неможноста нејзината љубов да биде прифатена и инкорпорирана во општеството вели Жугиќ.

Во оваа претстава Тезеј го толкува првенецот на Драмски театар Скопје, Дејан Лилиќ. Неговиот Тезеј е човек заслепен од моќта, статусот и привидот на сопствената правичност, кој предоцна ја согледува празнината што ја создава отсуството на емпатија и љубов.

фото: Драмски театар

Во животот често ги промашуваме вистинските вредности. Попатно не успеваме да ги препознаеме суштината и содржината, а со тоа и самата вистина. Се играш Бог, а потоа почнуваш да веруваш дека тоа навистина и си, дека по некаква заслуга ти припаѓа правото да наредуваш и да одлучуваш за другите. Слепилото од сјајот на материјалното не ти дозволува да погледнеш подлабоко во суштината и содржината. Се возиш на бранот на бижутеријата, убеден дека си среќен и, пред сѐ, правичен, за на крајот да стигнеш до празнината во која остануваш сосема сам. Емотивен инвалид. Без емпатија. Без љубов. Без себе. Без никој друг. А ако љубов немаш, ништо не си. Кога ќе се ослободиме од државата во нас, тогаш ќе бидеме подготвени да бидеме луѓе во самата држава. Не владари, не автократи, туку креатори за секого и за сите. Утопија? Да, за жал, вели Лилиќ.

Во улогата на Хиполит во Расиновата „Федра“ настапува Леонардо Лазов, за кого токму забранетото е една од причините поради кои текстот останува жив и три и пол века по неговото создавање.

Го истражувавме концептот на забранетото – копнеењето по нешто што не смееме да го имаме. Тоа е многу човечка особина, и токму начинот на кој секој од нас се справува со ‘забранетото’ ја прави драмата толку безвременска“, вели Лазов, за кого ова е прва претстава во Драмски театар Скопје.

фото: Драмски театар

Александар Степанулески кој го толкува ликот на Тезеј во „Љубовта на Федра“ вели дека ова е негово прво соочување со Сара Кејн како автор и особено му е драго што ми се случило токму во овој проект.


Тезеј е прототип на ’влијателник’ кој може да се сретне не само кај нас, туку низ целиот Балкан, така што од тој аспект инспирација воопшто не ми недостасуваше. Мислам дека на крајот успеваме сите елементи да ги споиме во една кохерентна целина, што мене особено ме радува, а се надевам дека истото чувство го дели и целиот креативен тим. Ми значи што сум дел од овој проект и од екипа која со голема посветеност ја носи целата идеја на претставата, вели Степанулевски.

Наспроти Расиновиот свет на дисциплина, морал и вина, „Љубовта на Федра“ на Сара Кејн навлегува во простор во кој цивилизациската фасада е веќе распукана. Напишана во 1996 година и определена од самата Кејн како „моја комедија“, драмата е радикално современо препрочитување на митот, црна комедија и суров уметнички коментар за деструктивната опседнатост, семејното распаѓање, нихилизмот, отуѓеноста и општествената корупција. Во нејзиниот центар се судираат Хиполит, принц кој речиси ништо не чувствува, и Федра, жена која чувствува премногу.

Покрај Јелена Жугиќ, Дејан Лилиќ, Александар Степанулески, Лазар Христов и Леонардо Лазов, во диптихот настапуваат и: Ивана Павлаковиќ, Нина Елзесер, Златко Митрески, Јована Спасиќ, Трајанка Илиева-Вељиќ, Ања Митиќ, Дениз Абдула, Томислав Давидовски, Марјан Наумов и Гордана Ендровска.
Креативната екипа ја сочинуваат: Дино Мустафиќ – режисер, Димче Николовски – асистент на режисерот, Драгутин Броз – сценограф, Антонија Гугинска-Јорданоска – костимограф, Влатко Стефановски – автор на музиката и Филип Петковски – сценски движења. Драматурзи се Александра Бошковска за „Федра“ и Викторија Рангелова-Петровска за „Љубовта на Федра“, а фотограф е Драган Гајиќ.

Претставата е наменета за публика над 18 години.

Билетите се во продажба на билетарницата на Драмски театар Скопје и онлајн на dramski.mk.


Поврзани вести

giyimbahsegelJojobetmultiwinstarzbetcasibomjojobetzbahispusulabetjojobetrichest gamblersFree spins no deposit