Skip to main content

Драмски театар Скопје денеска гостува во Београдско драмско позориште со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“

По октомвриското издание на фестивалот во Скопје, РУТА од 2ри до 7ти декември се одржува во Белград во организација на Београдско драмско позориште. Драмски театар на фестивалот ќе настапи во четврток на 5ти декември со претставата „ Чудна случка со кучето во ноќта“.

Претставата е авторска адаптација на Сајмон Стивенс направена според мотивите од романот на Марк Хадон. Режисер е Зоја Бузалковска, професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Асистент на режија е Димче Николовски – Димсата, драматург е Александра Бошковска. Костимите во претставата се на  Елена Вангеловска и Раде Василев, а сценографијата е на Константин Трпеноски. Авторската музика е на Давид Ангеловски, а кореографијата и фри ранинг техниката е на Симон Симоновски.

Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Лазар Христов, Златко Митрески и Нела Павловска.

Гостувањето во Белгад е второ меѓународно гостување со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ по гостувањето на сцената на Местно гледалишче Љубљана во рамките на фестивалот РУТА. Во Македонија претставата се играше во Битола и Велес како и на фестивалите  Охридско лето и на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Освен одличниот прием кај публиката и театарската фела на матичната сцена и на ревијалните фестивали, претставата се здоби со 5 исклучителни награди на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ меѓу кои:

– Награда за главна машка улога на актерот Дамјан Цветановски за улогата на Кристофер Бун

– Награда за женска епизодна улога за актерката Емилија Мицевска за улогата на Џуди

– Награда за сценографија ја доби Константин Трпеноски

– Награда за костимографија се додели на Елена Вангеловска и Раде Василев и

– Награда за кореографија и сценски движења ја доби Симон Симоновски.

„Чудна случка со кучето во ноќта“ е на редовен репертоар на Драмски театар Скопје од премиерата во 2021 година и гостувањето во Белград ќе биде 34 изведба на претставата.

Поврзани вести