
Светскиот ден на театарот на 27 март годинава Драмски ќе го обележи со почит кон настраданите и повредените во националната трагедија во Кочани. Во 19 часот во фоајето на Драмски ќе се отвори изложба на фотографии со наслов „Ред XV … “ на авторот Драган Гајиќ (1967). Приходот од продажбата на фотографиите ќе биде уплатен на хуманитарната сметка за донации.
Изборот на фотографии на изложбата е направен од претставите што Гајиќ ги фотографирал во 2017 година за време на изведбите на претставите: „Хамлет“ , „Чија си“, „Чолак“, „Љубовници“, „Последните Македонци“ и „Живот во тесни чевли“.
Драмски театар Скопје ќе го обележи 27 март со низа активности за својата публика што ќе се реализираат во текот на целиот ден.
Програмската активност започнува со организирана посета на театарот од страна на децата од предучилишната установа „Мајски цвет“ од општина Карпош. Едукативната посета на дечињата се состои од разгледување на работните простории и разговор со актерите и вработените во театарот со што децата ќе имаат можност да се запознаат со начинот на создавање на една претстава.
Програмските активности продолживаат со покана на љубителите на театарската уметност да присуствуваат на две отворени проби на претстави што се во тек на подготовка во Драмскиот театар.
Првата отворена проба со присуство на публика ќе започне во 10:30 часот во салонот на големата сала „Ристо Стефановски“. Посетителите ќе ја следат пробата „Ифигенија за ништо“. Претставата е работена по текстот „Ифигенија од Авлида“ од Еврипид со адаптација, режија и кореографија на Филип Петковски. Сценографијата ја подготви Мартин Манев, а костимограф е Антонија Гугинска Јорданоска.
Посетителите ќе имаат прилика да присуствуваат на пробата што се реализира во време кога процесот на подготовки е веќе во својата последна фаза. Подготовките за претставата се започнати во февруари и премиерата ќе биде наредната сабота на 5 април.
Ликовите во претставата „Ифигенија за ништо“ ги играат актерите на Драмски театар : Димитрија Доксевски, Филип Трајковиќ, Јелена Жугиќ, Нина Елзесер, Стефан Вујисиќ, Сара Климоска, Марјан Наумов, Томислав Давидовски. Хорот го сочинуваат актерките Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Јована Спасиќ, Александра Павлова Бубања и како гостин Јована Миладинова.
Втората отворена проба ќе започне во 14:00 часот во просториите на библиотеката на Драмски театар Скопје. Станува збор за претставата „Гидион“ од авторката Џона Адамс во режија на Драгана Милошовска Попов. Ликовите во претставата ги играат актерките Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Ања Митиќ. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со процес на подготовка на претстава во својата прва фаза која се нарекува „читачки проби“. Во таа фаза режисерот, актерите и уметничкиот тим на претставата го договатаат начинот на работа, градењето на ликовите и се подготвуваат за поставување на претставата на мизансцен.
Обележувањето на 27 март Светскиот ден на театарот продолжува со отворањето на изложба на фотографии со наслов „Ред XV … “ на авторот Драган Гајиќ (1967) во 19 часот во фоајето на Драмски. Гајиќ дипломирал на отсекот камера на Факултетот за драмски уметности во Скопје и магистратрирал фотографија и маркетинг на NSSR NY, Њујорк.
Кураторот на изложбата д-р Ивана Јарчевска истакнува дека авторот по трет пат изложува свои театарски фотографии во Скопје. Овој пат во Драмски театар, Скопје, каде рефлексијата од претставите кои веќе не се на неговиот репертоар го враќаат назад оној исечок од театарската магија која сме ја почуствувале тогаш, а сега на негов автентичен документаристички начин ни ја враќа како уметничко дело. Изборот на фотографии е направен од претставите што Гајиќ ги фотографирал во 2017 година за време на изведбите на претставите: „Хамлет“ , „Чија си“, „Чолак“, „Љубовници“, „Последните Македонци“ и „Живот во тесни чевли“.
Кураторот д-р Јарчевска за творештвото на авторот вели: „ Публиката е на своите седишта. Подготвена да отпатува во нов театарски свет и нова претстава. Помеѓу нив, во XV ред е и тој со својот соработник. Со својот фотографски апарат. Некогаш е и сам со актерите и сцената – без публиката. Повторно во тој XV ред. Не се слуша чкрапањето на копчето – како на оние старите апарати. Но, се чувствува поривот и страста кон театарот, фотографијата, сцената гледана од тој негов XV ред … Неговата љубов кон театарската претстава и нејзината минливос заробена во тие негови одбрани кадри. Љубов кон актерот. Љубов кон овековечување на онаа точна и прецизна секунда во која актерот е сржта и смислата на текстот и претставата, нивно отелотворување пред публиката“.
Обележувањето на Светскиот ден на театарот се заокружува со читањето на светската порака од грчкиот режисер Теодорос Терзопулос и македонската порака на актерот Емил Рубен пред изведбата на претставата „Фамилијата Адамс“ со почеток во 20 часот.
Резервација и подигнување на бесплатните билети за присуство на читачките проби на двете претстави во Драмски театар како и продажбата на билетите за претставата „Фамилијата Адамс“ ќе се реализира преку билетарницата на Драмски театар Скопје на телефон 076434343.