
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска, заедно со градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, изврши увид во градежните активности за целосна реконструкција на Домот на културата „11 Октомври“ во населбата Ченто.
Заложбите на Владата и на Министерството за култура и туризам се во насока на континуирана поддршка и развој на културната инфраструктура во сите општини, создавање еднаков пристап до културни содржини за сите граѓани и поттикнување на локалниот културен развој како основа за силно и живо културно ткиво на нашата држава“, изјави министерот Љутков.
Реконструкцијата, адаптацијата и санацијата на овој културен објект се одвиваат со забрзан интензитет и се во завршна фаза. Домот на културата, кој со години беше запуштен, наскоро ќе добие нов, модерен и функционален изглед, со што ќе се врати неговата улога како центар на културниот живот во Ченто и пошироко.
Објектот ќе биде изграден на три нивоа и ќе биде целосно приспособен за одржување најразлични културни настани и ќе понуди современи услови за уметници и публика. Проектот се реализира како дел од капиталните инвестиции на Владата за поддршка на општините во областа на културата, со вкупна вредност од 87 514 771 денари. До крајот на септември се реализирани 53 684 718 денари, а се очекува објектот да биде целосно завршен и предаден на граѓаните до крајот на оваа година.